1 Коринтјаните
Глава 10
- 1
Браќа, сакам да знаете дека нашите татковци беа под облакот и сите поминаа низ морето;
- 2
и сите беа крстени во Мојсеј во облакот и во морето;
- 3
и сите јадеа иста духовна храна;
- 4
и сите пиеја ист духовен пијалак, зашто пиеја од духовната Карпа што ги придружуваше; а таа Карпа беше Христос.
- 5
Но Бог не беше задоволен со повеќето од нив, па нивните тела останаа расфрлани во пустината.
- 6
Овие работи станаа примери за нас, за да не копнееме по зло како што тие копнееја.
- 7
И не станувајте идолопоклоници како некои од нив, како што е напишано: „Народот седна да јаде и да пие, а потоа стана да се забавува.“
- 8
И да не вршиме блуд како некои од нив, па во еден ден паднаа дваесет и три илјади.
- 9
И да не Го искушуваме Христос, како што некои од нив Го искушуваа и загинаа од змии.
- 10
И не роптајте како некои од нив, па загинаа од истребителот.
- 11
Сето тоа им се случи како пример, а беше запишано за поука на нас, врз кои дојде крајот на вековите.
- 12
Затоа оној што мисли дека стои, нека внимава да не падне.
- 13
Не ве снашло искушение што не е вообичаено за луѓето. Но Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушувани повеќе отколку што можете да поднесете; заедно со искушението ќе даде и излез, за да можете да го издржите.
- 14
Затоа, мои сакани, бегајте од идолопоклонството.
- 15
Ви зборувам како на мудри: расудете сами за ова што ви го кажувам.
- 16
Чашата на благословот што ја благословуваме, не е ли заедништво со Христовата крв? Лебот што го кршиме, не е ли заедништво со Христовото тело?
- 17
Бидејќи има еден леб, ние многуте сме едно тело, зашто сите учествуваме во еден леб.
- 18
Погледнете го Израел според телото: оние што јадат од жртвите не се ли заедничари со жртвеникот?
- 19
Па што сакам да кажам? Дека идолот е нешто или дека идолските жртви се нешто?
- 20
Не, туку она што незнабожците го жртвуваат, го жртвуваат на демони, а не на Бог; а јас не сакам да бидете во заедништво со демоните.
- 21
Не можете да ја пиете Господовата чаша и чашата на демоните; не можете да имате удел и во Господовата трпеза и во трпезата на демоните.
- 22
Или сакаме да ја предизвикаме Господовата ревност? Зар сме посилни од Него?
- 23
„Сѐ ми е дозволено“, но не е сѐ корисно. „Сѐ ми е дозволено“, но не придонесува сѐ за изградување.
- 24
Никој да не ја бара само својата корист, туку користа на другиот.
- 25
Јадете сѐ што се продава на пазарот, без ништо да испитувате поради совеста,
- 26
зашто „Господова е земјата и сѐ што ја исполнува“.
- 27
Ако некој од неверниците ве покани и сакате да отидете, јадете сѐ што ќе ви биде принесено, без ништо да испитувате поради совеста.
- 28
Но ако некој ви рече: „Ова е принесено како жртва“, не јадете заради оној што ве известил и заради совеста.
- 29
Не мислам на вашата совест, туку на совеста на другиот. Зошто мојата слобода да биде осудувана од туѓа совест?
- 30
Ако јадам со благодарност, зошто да бидам укоруван за она за што Му благодарам на Бог?
- 31
Значи, јадете ли, пиете ли или што и да правите, правете сѐ за Божја слава.
- 32
Не бидете причина за сопнување ни на Јудејците, ни на незнабожците, ни на Божјата црква,
- 33
како што и јас им угодувам на сите во сѐ, не барајќи ја својата корист, туку користа на мнозина, за да се спасат.