1 Коринтјаните
Глава 8
- 1
А во врска со храната жртвувана на идоли: знаеме дека сите имаме знаење. Знаењето возгордува, а љубовта изградува.
- 2
Ако некој мисли дека знае нешто, сѐ уште не познал како што треба.
- 3
Но ако некој Го љуби Бог, тој е познат од Него.
- 4
Значи, во врска со јадењето храна жртвувана на идоли, знаеме дека идолот не е ништо во светот и дека нема друг Бог освен Единиот.
- 5
Зашто иако има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу богови и многу господари,
- 6
за нас има еден Бог – Таткото, од Кого е сѐ и за Кого сме ние; и еден Господ – Исус Христос, преку Кого е сѐ и преку Кого сме ние.
- 7
Но тоа знаење не го имаат сите. Некои, бидејќи досега биле навикнати на идолите, ја јадат храната како навистина да му е жртвувана на идол, и нивната слаба совест се осквернува.
- 8
Храната не нѐ приближува до Бог: ниту губиме нешто ако не јадеме, ниту добиваме нешто ако јадеме.
- 9
Но внимавајте оваа ваша слобода да не стане причина за сопнување на слабите.
- 10
Зашто ако некој те види тебе, кој имаш знаење, како седиш на трпеза во идолски храм, нема ли и тој, иако совеста му е слаба, да се охрабри да јаде од идолските жртви?
- 11
И така, поради твоето знаење пропаѓа слабиот брат за кого Христос умре.
- 12
Така, грешејќи против браќата и ранувајќи ја нивната слаба совест, грешите против Христос.
- 13
Затоа, ако храната го наведува мојот брат на грев, никогаш повеќе нема да јадам месо, за да не го наведам својот брат на грев.