Прескокни кон главната содржина

1 Цареви

Глава 6

  1. 1

    Во четиристотини и осумдесеттата година по излегувањето на Израелевите синови од Египетската земја, во четвртата година од царувањето на Соломон над Израел, во месецот Зив, односно во вториот месец, Соломон почна да го гради Господовиот дом.

  2. 2

    Домот што царот Соломон Му го градеше на Господ беше долг шеесет лакти, широк дваесет лакти и висок триесет лакти.

  3. 3

    Предворјето пред главниот дел на домот беше долго дваесет лакти, колку што беше широк домот, а се протегаше десет лакти пред домот.

  4. 4

    На домот му направи прозорци со рамки, пошироки одвнатре и потесни однадвор.

  5. 5

    Околу надворешните ѕидови на домот, покрај ѕидовите на главниот дел и на внатрешното светилиште, изгради странични простории на три ката.

  6. 6

    Долниот кат беше широк пет лакти, средниот шест, а третиот седум лакти. Однадвор на ѕидот на домот направи отстапи, за гредите на страничните простории да не се вградуваат во самиот ѕид на домот.

  7. 7

    Кога се градеше домот, камењата беа целосно обработени уште во каменоломот. Затоа при градењето во домот не се слушна ни чекан, ни секира, ниту некаква железна алатка.

  8. 8

    Влезот во долниот кат на страничните простории беше од десната страна на домот. По спирални скали се искачуваше на средниот кат, а од средниот на третиот.

  9. 9

    Така Соломон го изгради и го доврши домот. Го покри со кедрови греди и кедрови штици.

  10. 10

    Страничните простории околу целиот дом ги изгради високи по пет лакти и ги поврза со домот преку кедрови греди.

  11. 11

    Тогаш Господовиот збор му дојде на Соломон:

  12. 12

    „За овој дом што го градиш: ако одиш според Моите одредби, ги извршуваш Моите закони и ги пазиш сите Мои заповеди, тогаш преку тебе ќе го исполнам зборот што му го дадов на твојот татко Давид.

  13. 13

    Ќе живеам меѓу Израелевите синови и нема да го напуштам Мојот народ Израел.“

  14. 14

    Така Соломон го изгради домот и го доврши.

  15. 15

    Однатре ги обложи ѕидовите на домот со кедрови штици, од подот до таванот, а подот го покри со чемпресови штици.

  16. 16

    Во задниот дел на домот одвои простор од дваесет лакти и го обложи со кедрови штици од подот до таванот. Тој простор го уреди како внатрешно светилиште, односно Најсветото место.

  17. 17

    Главниот дел на домот, пред внатрешното светилиште, беше долг четириесет лакти.

  18. 18

    Кедровата облога однатре беше украсена со резби од тикви и расцветани цветови. Сѐ беше од кедар и никаде не се гледаше камен.

  19. 19

    Во највнатрешниот дел од домот го подготви светилиштето, за таму да го постави ковчегот на Господовиот завет.

  20. 20

    Внатрешното светилиште беше долго дваесет лакти, широко дваесет лакти и високо дваесет лакти. Го обложи со чисто злато, а кедровиот жртвеник исто така го обложи со злато.

  21. 21

    Соломон ја обложи и внатрешноста на домот со чисто злато и постави златни синџири пред внатрешното светилиште, кое исто така го обложи со злато.

  22. 22

    Го обложи целиот дом со злато, сѐ додека не беше целосно завршен. Со злато го обложи и целиот жртвеник што беше пред внатрешното светилиште.

  23. 23

    Во внатрешното светилиште направи два херувима од маслиново дрво, високи по десет лакти.

  24. 24

    Едното крило на првиот херувим беше долго пет лакти, а другото исто така пет лакти; од врвот на едното до врвот на другото крило имаше десет лакти.

  25. 25

    И вториот херувим беше долг десет лакти. Двата херувима имаа иста големина и ист облик.

  26. 26

    Едниот херувим беше висок десет лакти, а исто толку и другиот.

  27. 27

    Ги постави херувимите во средината на внатрешното светилиште. Нивните раширени крила допираа до ѕидовите: крилото на едниот допираше до едниот ѕид, крилото на другиот до другиот ѕид, а нивните внатрешни крила се допираа едно со друго во средината на просторијата.

  28. 28

    И херувимите ги обложи со злато.

  29. 29

    На сите ѕидови на домот, и во внатрешниот и во надворешниот дел, изрезба херувими, палми и расцветани цветови.

  30. 30

    И подот на домот, и во внатрешниот и во надворешниот дел, го обложи со злато.

  31. 31

    За влезот во внатрешното светилиште направи двокрилна врата од маслиново дрво, а нејзините довратници и надвратникот зафаќаа една петтина од ѕидот.

  32. 32

    На двете крила од маслиново дрво изрезба херувими, палми и расцветани цветови и ги обложи со злато. Златото го распосла и врз херувимите и врз палмите.

  33. 33

    На ист начин, за влезот во главниот дел на домот направи довратници од маслиново дрво што зафаќаа една четвртина од ѕидот,

  34. 34

    како и две врати од чемпресово дрво. Секое крило на вратата беше составено од два преклопливи дела.

  35. 35

    На нив изрезба херувими, палми и расцветани цветови и ги обложи со злато, нанесено рамномерно врз резбите.

  36. 36

    Го изгради внатрешниот двор со три реда делкани камења и еден ред кедрови греди.

  37. 37

    Во четвртата година, во месецот Зив, беа поставени темелите на Господовиот дом.

  38. 38

    Во единаесеттата година, во месецот Вул, односно во осмиот месец, домот беше довршен во сите свои делови и според целиот свој план. Соломон го градеше седум години.