Прескокни кон главната содржина

1 Самоил

Глава 11

  1. 1

    Потоа Амонецот Наас дојде и постави логор против Јавис-Галаад. Сите жители на Јавис му рекоа: „Склучи сојуз со нас, и ќе ти служиме.“

  2. 2

    Но Амонецот Наас им одговори: „Ќе склучам сојуз со вас само под овој услов: на сите ќе ви го извадам десното око и така ќе му нанесам срам на целиот Израел.“

  3. 3

    Старешините на Јавис му рекоа: „Дај ни рок од седум дена, за да испратиме гласници низ сите Израелеви предели. Ако нема кој да нѐ избави, ќе ти се предадеме.“

  4. 4

    Гласниците дојдоа во Сауловиот град Гаваја и ги кажаа овие зборови пред народот. Тогаш целиот народ гласно заплака.

  5. 5

    Во тој момент Саул се враќаше од полето, одејќи зад воловите. Тој праша: „Што му е на народот, па плаче?“ Му ги раскажаа зборовите на жителите на Јавис.

  6. 6

    Кога Саул ги слушна тие зборови, Божјиот Дух силно дојде врз него и неговиот гнев силно пламна.

  7. 7

    Зеде два вола, ги исече на парчиња и ги испрати преку гласниците низ сите Израелеви предели, порачувајќи: „Вака ќе им биде направено на воловите на секој што нема да тргне по Саул и по Самоил!“ Тогаш страв од Господ го обзеде народот, и тие излегоа како еден човек.

  8. 8

    Саул ги преброи во Везек: имаше триста илјади Израелци и триесет илјади Јудини мажи.

  9. 9

    Потоа им рекоа на гласниците што беа дошле: „Вака кажете им на жителите на Јавис-Галаад: ‚Утре, кога сонцето ќе припече, ќе бидете избавени.‘“ Гласниците се вратија и им ја пренесоа веста на жителите на Јавис, и тие се зарадуваа.

  10. 10

    Тогаш жителите на Јавис им рекоа на Амонците: „Утре ќе ви се предадеме, а вие направете ни што сметате дека е добро.“

  11. 11

    Следното утро Саул го подели народот во три чети. За време на утринската стража влегоа во средината на амонскиот логор и ги поразуваа Амонците сѐ додека денот не се стопли. Преживеаните се распрснаа, така што ни двајца не останаа заедно.

  12. 12

    Тогаш народот му рече на Самоил: „Кои се оние што велеа: ‚Зар Саул ќе царува над нас?‘ Доведете ги тие луѓе за да ги погубиме!“

  13. 13

    Но Саул рече: „Денес никој нема да биде погубен, зашто денес Господ му донесе избавување на Израел.“

  14. 14

    Потоа Самоил му рече на народот: „Дојдете, да одиме во Галгал и таму повторно да го потврдиме царството.“

  15. 15

    Така целиот народ отиде во Галгал. Таму, пред Господ, го поставија Саул за цар и Му принесоа на Господ жртви за мир. Саул и сите Израелеви мажи многу се радуваа.