Прескокни кон главната содржина

2 Коринтјаните

Глава 11

  1. 1

    Камо среќа да поднесете малку од моето безумство! Но навистина, поднесете ме.

  2. 2

    Зашто ревнувам за вас со Божја ревност, бидејќи ве свршив со еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица.

  3. 3

    Но се плашам дека, како што змијата ја измами Ева со своето лукавство, така и вашите мисли да не се расипат и да се оддалечат од искрената и чиста преданост кон Христос.

  4. 4

    Зашто, ако некој дојде и проповеда друг Исус, Кого ние не Го проповедавме, или примате друг дух, кој не го примивте, или друго Евангелие, кое не го прифативте, вие лесно го поднесувате тоа.

  5. 5

    Но сметам дека во ништо не сум помал од тие „најголеми апостоли“.

  6. 6

    Иако можеби не сум вешт во говорот, не ми недостига знаење; тоа на секој начин и во сѐ ви го покажавме.

  7. 7

    Зар направив грев што се понизив за вие да бидете возвишени, бидејќи бесплатно ви го проповедав Божјото Евангелие?

  8. 8

    Други цркви ги ограбив, земајќи издршка од нив за да ви служам вам.

  9. 9

    И кога бев кај вас и имав потреба, никому не му бев товар, зашто браќата што дојдоа од Македонија ја надополнија мојата потреба. Во сѐ се чував и ќе се чувам да не ви бидам товар.

  10. 10

    Како што Христовата вистина е во мене, оваа моја пофалба нема да биде замолчена во краиштата на Ахаја.

  11. 11

    Зошто? Затоа што не ве љубам? Бог знае дека ве љубам!

  12. 12

    Но она што го правам, ќе продолжам да го правам, за да им ја одземам можноста на оние што бараат повод да се покажат еднакви со нас во она со кое се фалат.

  13. 13

    Зашто таквите се лажни апостоли, измамнички работници, кои се преправаат во Христови апостоли.

  14. 14

    И не е чудно, зашто самиот сатана се преправа во ангел на светлината.

  15. 15

    Затоа не е ништо чудно ако и неговите слуги се преправаат во слуги на праведноста; нивниот крај ќе биде според нивните дела.

  16. 16

    Повторно велам: никој да не ме смета за безумен; а ако сепак ме сметате, примете ме барем како безумен, за и јас малку да се пофалам.

  17. 17

    Она што го зборувам, кога вака самоуверено се фалам, не го зборувам според Господ, туку како во безумство.

  18. 18

    Бидејќи мнозина се фалат според телото, ќе се пофалам и јас.

  19. 19

    Зашто вие, како мудри, со задоволство ги поднесувате безумните.

  20. 20

    Зашто поднесувате ако некој ве поробува, ве проголтува, ве искористува, се издига над вас или ве удира по лице.

  21. 21

    На свој срам признавам дека ние сме биле премногу слаби за такво нешто. Но со што и да се осмели некој да се фали – зборувам безумно – се осмелувам и јас.

  22. 22

    Евреи ли се? И јас сум. Израелци ли се? И јас. Авраамово потомство ли се? И јас.

  23. 23

    Христови слуги ли се? Зборувам како безумен – јас сум уште повеќе: во трудови повеќе, во затвори почесто, во безброј удари, многупати во смртна опасност.

  24. 24

    Од Јудејците петпати примив по четириесет удари без еден.

  25. 25

    Трипати бев тепан со стапови, еднаш бев каменуван, трипати претрпев бродолом, една ноќ и еден ден поминав на отворено море.

  26. 26

    Многупати бев на патувања, во опасности од реки, од разбојници, од сонародници, од незнабожци, во опасности во град, во пустина, на море и меѓу лажни браќа;

  27. 27

    во труд и мака, во многу непроспиени ноќи, во глад и жед, во чести пости, во студ и голотија.

  28. 28

    Покрај сето друго, секојдневно ме притиска грижата за сите цркви.

  29. 29

    Кој е слаб, а и јас да не сум слаб? Кој паѓа во грев, а јас да не горам од грижа?

  30. 30

    Ако треба да се фалам, ќе се фалам со своите слабости.

  31. 31

    Бог и Таткото на Господ Исус, Кој е благословен довека, знае дека не лажам.

  32. 32

    Во Дамаск, управителот на царот Арета го чуваше градот Дамаск, сакајќи да ме фати,

  33. 33

    но низ еден прозорец бев спуштен во кошница преку ѕидот и избегав од неговите раце.