Амос
Глава 2
- 1
Вака вели Господ: „Поради три престапи на Моав, па и поради четири, нема да ја повлечам пресудата, зашто ги изгоре коските на едомскиот цар во вар.
- 2
Ќе испратам оган врз Моав, и тој ќе ги проголта дворците на Кериот; Моав ќе загине во врева, со боен вик и со звук на рог.
- 3
Ќе го истребам судијата од неговата средина и ќе ги убијам сите негови владетели заедно со него,“ вели Господ.
- 4
Вака вели Господ: „Поради три престапи на Јуда, па и поради четири, нема да ја повлечам пресудата, зашто го отфрлија Господовиот закон и не ги пазеа Неговите уредби; нивните лаги ги заведоа, оние по кои одеа и нивните татковци.
- 5
Ќе испратам оган врз Јуда, и тој ќе ги проголта ерусалимските дворци.“
- 6
Вака вели Господ: „Поради три престапи на Израел, па и поради четири, нема да ја повлечам пресудата, зашто продаваат праведник за сребро, а сиромав за пар сандали.
- 7
Ја газат главата на сиромашните во земниот прав и го извртуваат патот на кротките; татко и син одат кај иста девојка, за да го осквернат Моето свето име.
- 8
Крај секој жртвеник лежат врз облеки земени во залог, а во домот на својот бог пијат вино од оние што ги глобиле.
- 9
Но Јас го истребив пред нив Амореецот, чија височина беше како височината на кедрите и кој беше силен како дабовите; го уништив неговиот плод горе и неговите корени долу.
- 10
Вас, пак, ве изведов од египетската земја и ве водев четириесет години низ пустината, за да ја наследите земјата на Амореецот.
- 11
Од вашите синови подигав пророци, а од вашите младичи назирејци. Зар не е така, Израелеви синови?“ вели Господ.
- 12
Но вие ги поевте назирејците со вино и им заповедавте на пророците: „Не пророкувајте!“
- 13
Ете, ќе направам да крцкате под товарот, како што крцка кола натоварена со снопови.
- 14
Брзиот нема да може да избега, силниот нема да ја задржи својата сила, ниту јунакот ќе го спаси својот живот.
- 15
Стрелецот нема да устои, брзиот на нозе нема да избега, ниту коњаникот ќе го спаси својот живот.
- 16
И најхрабриот меѓу јунаците ќе побегне гол во тој ден,“ вели Господ.