Амос
Глава 4
Чујте го овој збор, васански крави, вие што сте на Самариската гора, што ги угнетувате сиромашните, ги притискате бедните и им велите на своите господари: „Донесете да пиеме!“ (Амос 4:1)
Господ Бог се заколна во Својата светост: „Ете, доаѓаат денови врз вас кога ќе ве извлечат со куки, а вашиот остаток со рибарски јадици. (Амос 4:2)
Ќе излезете низ пробиените ѕидови, секоја право пред себе, и ќе бидете исфрлени кон Хармон,“ вели Господ. (Амос 4:3)
„Одете во Бет-Ел и грешете, во Галгал умножувајте ги престапите; принесувајте ги своите жртви секое утро, своите десетоци на секои три дена. (Амос 4:4)
Принесувајте благодарствена жртва од квасен леб, разгласувајте ги доброволните приноси и објавувајте ги, зашто тоа го сакате, Израелеви синови,“ вели Господ Бог. (Амос 4:5)
„И Јас ви дадов чисти заби во сите ваши градови и недостиг од леб во сите ваши места; сепак не се вративте кај Мене,“ вели Господ. (Амос 4:6)
„Јас ви го задржав дождот кога остануваа уште три месеци до жетвата; пуштав дожд над еден град, а над друг не пуштав; една нива добиваше дожд, а другата, врз која не врнеше, се сушеше. (Амос 4:7)
Така два или три града талкаа до еден град за да пијат вода, но не се наситуваа; сепак не се вративте кај Мене,“ вели Господ. (Амос 4:8)
„Ве поразував со суша и мувла; вашите многубројни градини и лозја, вашите смокви и маслинки ги изедоа глодачките скакулци; сепак не се вративте кај Мене,“ вели Господ. (Амос 4:9)
„Пуштав врз вас помор како во Египет; со меч ги убивав вашите младичи и ги одведував вашите коњи во плен; ја кренав смрдеата од вашите логори до вашите ноздри; сепак не се вративте кај Мене,“ вели Господ. (Амос 4:10)
„Некои од вас ги соборив како што Бог ги собори Содом и Гомор, и бевте како гламња истргната од огнот; сепак не се вративте кај Мене,“ вели Господ. (Амос 4:11)
„Затоа вака ќе постапам со тебе, Израеле; и бидејќи вака ќе постапам со тебе, подготви се да Го сретнеш својот Бог, Израеле!“ (Амос 4:12)
Зашто, ете, Тој ги создава планините и го создава ветерот, му открива на човекот каква е неговата мисла, ја претвора зората во темнина и оди по височините на земјата – Господ, Бог над војските, е Неговото име. (Амос 4:13)