5 Мојсеева — Второзаконие
Глава 20
- 1
Кога ќе излезеш во бој против своите непријатели и ќе видиш коњи, бојни коли и народ поброен од тебе, не се плаши од нив, зашто со тебе е Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја.
- 2
Кога ќе се приближите до бојот, свештеникот нека пристапи и нека му зборува на народот.
- 3
Нека им рече: „Слушај, Израеле! Денес излегувате во бој против своите непријатели. Вашето срце да не ослабне; не се плашете, не се вознемирувајте и не се ужаснувајте од нив.
- 4
Зашто Господ, вашиот Бог, оди со вас, за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.“
- 5
Потоа надзорниците нека му речат на народот: „Кој изградил нов дом, а уште не се вселил во него, нека се врати дома, за да не загине во бој, па друг да се всели во него.
- 6
Кој засадил лозје, а уште не го користел неговиот плод, нека се врати дома, за да не загине во бој, па друг да го користи плодот.
- 7
Кој се свршил со жена, а уште не се оженил со неа, нека се врати дома, за да не загине во бој, па друг да се ожени со неа.“
- 8
Надзорниците нека продолжат да му зборуваат на народот: „Кој се плаши и е малодушен, нека се врати дома, за да не ги обесхрабри и своите браќа како што е обесхрабрен самиот.“
- 9
Кога надзорниците ќе завршат со зборувањето пред народот, нека постават воени заповедници на чело на војската.
- 10
Кога ќе се приближиш до некој град за да се бориш против него, најнапред понуди му мир.
- 11
Ако мирно ти одговори и ти ги отвори портите, целиот народ што е во него нека ти плаќа данок и нека ти служи.
- 12
Но ако не склучи мир со тебе, туку завојува против тебе, тогаш опколи го.
- 13
Кога Господ, твојот Бог, ќе го предаде во твоите раце, погуби ги со меч сите мажи во него.
- 14
А жените, децата, добитокот и сѐ што има во градот – целиот негов плен – земи го за себе. Јади го пленот од своите непријатели, што ти го дал Господ, твојот Бог.
- 15
Така постапувај со сите градови што се многу далеку од тебе и што не им припаѓаат на градовите на овдешните народи.
- 16
Но во градовите на овие народи, што Господ, твојот Бог, ти ги дава како наследство, не оставај живо ништо што дише.
- 17
Целосно уништи ги Хетејците, Аморејците, Хананците, Ферезејците, Евејците и Јевусејците, како што ти заповеда Господ, твојот Бог,
- 18
за да не ве научат да ги правите сите одвратности што тие ги правеле за своите богови, па да згрешите против Господ, вашиот Бог.
- 19
Кога долго време опсадуваш некој град и се бориш против него за да го освоиш, не ги уништувај неговите дрвја со секира, зашто можеш да јадеш од нив. Не ги сечи; зар полското дрво е човек, па да биде опсадено од тебе?
- 20
Можеш да ги уништуваш и сечеш само дрвјата за кои знаеш дека не даваат храна, и од нив да градиш опсадни направи против градот што војува со тебе, сѐ додека не го освоиш.