Прескокни кон главната содржина

5 Мојсеева — Второзаконие

Глава 6

  1. 1

    „Ова се заповедите, одредбите и законите што Господ, вашиот Бог, ми заповеда да ве научам да ги извршувате во земјата во која преминувате за да ја наследите,

  2. 2

    за да се боиш од Господ, твојот Бог, и во сите денови на својот живот да ги пазиш сите Негови одредби и заповеди што ти ги давам – ти, твојот син и твојот внук – и да ти се продолжат деновите.

  3. 3

    Затоа слушај, Израеле, и внимателно извршувај ги, за да ти биде добро и многу да се размножиш во земјата во која течат млеко и мед, како што ти вети Господ, Бог на твоите татковци.

  4. 4

    Слушај, Израеле: Господ, нашиот Бог, е еден Господ.

  5. 5

    Сакај Го Господ, твојот Бог, со целото свое срце, со целата своја душа и со сета своја сила.

  6. 6

    Овие зборови што денес ти ги заповедам нека бидат во твоето срце.

  7. 7

    Внимателно поучувај ги своите деца за нив и зборувај им за нив кога седиш во својот дом, кога одиш по патот, кога легнуваш и кога стануваш.

  8. 8

    Врзи ги како знак на својата рака и нека бидат како ленти меѓу твоите очи.

  9. 9

    Напиши ги на довратниците на својата куќа и на своите порти.

  10. 10

    Кога Господ, твојот Бог, ќе те воведе во земјата за која им се заколна на твоите татковци Авраам, Исак и Јаков дека ќе ти ја даде – големи и убави градови што ти не си ги изградил,

  11. 11

    куќи полни со секакви добра што ти не си ги наполнил, ископани бунари што ти не си ги ископал, лозја и маслинови дрвја што ти не си ги засадил – и кога ќе јадеш и ќе се наситиш,

  12. 12

    внимавај да не Го заборавиш Господ, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството.

  13. 13

    Бој се од Господ, твојот Бог, Нему служи и во Неговото име заколнувај се.

  14. 14

    Не одете по други богови, по боговите на народите околу вас,

  15. 15

    зашто Господ, твојот Бог, Кој е меѓу вас, е Бог Кој бара целосна верност. Инаку гневот на Господ, твојот Бог, ќе се разгори против тебе и ќе те истреби од лицето на земјата.

  16. 16

    Не Го искушувајте Господ, вашиот Бог, како што Го искушувавте во Маса.

  17. 17

    Внимателно пазете ги заповедите на Господ, вашиот Бог, Неговите сведоштва и одредби што ти ги заповеда.

  18. 18

    Прави го она што е право и добро пред Господ, за да ти биде добро, да влезеш и да ја наследиш добрата земја за која Господ им се заколна на твоите татковци,

  19. 19

    истерувајќи ги сите твои непријатели пред тебе, како што рече Господ.

  20. 20

    Кога во иднина твојот син ќе те праша: ‚Што значат сведоштвата, одредбите и законите што ви ги заповеда Господ, нашиот Бог?‘

  21. 21

    тогаш кажи му на својот син: ‚Бевме робови на фараонот во Египет, но Господ нѐ изведе од Египет со силна рака.

  22. 22

    Пред нашите очи Господ направи големи и страшни знаци и чуда над Египет, над фараонот и над целиот негов дом.

  23. 23

    А нас нѐ изведе оттаму, за да нѐ воведе во земјата за која им се заколна на нашите татковци и да ни ја даде.

  24. 24

    Господ ни заповеда да ги извршуваме сите овие одредби и да се боиме од Господ, нашиот Бог, за секогаш да ни биде добро и за да ни го зачува животот, како што е денес.

  25. 25

    И тоа ќе ни се смета за праведност, ако внимателно ги извршуваме сите овие заповеди пред Господ, нашиот Бог, како што ни заповеда.‘