Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 20

  1. 1

    Тогаш Бог ги изговори сите овие зборови:

  2. 2

    „Јас сум Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството.

  3. 3

    Немај други богови освен Мене.

  4. 4

    Не си прави резан лик ниту каква било слика на она што е горе на небото, долу на земјата или во водата под земјата.

  5. 5

    Не им се поклонувај и не им служи, зашто Јас, Господ, твојот Бог, сум ревнив Бог, Кој го казнува беззаконието на татковците врз децата до третото и четвртото поколение на оние што Ме мразат,

  6. 6

    а покажувам милост кон илјадници поколенија на оние што Ме љубат и ги пазат Моите заповеди.

  7. 7

    Не го изговарај напразно името на Господ, твојот Бог, зашто Господ нема да го смета за невин оној што го изговара Неговото име напразно.

  8. 8

    Сеќавај се на саботниот ден и посветувај го.

  9. 9

    Шест дена работи и врши ги сите свои работи,

  10. 10

    а седмиот ден е сабота во чест на Господ, твојот Бог. Тогаш не врши никаква работа: ни ти, ни твојот син, ни твојата ќерка, ни твојот слуга, ни твојата слугинка, ни твојот добиток, ни придојденецот што живее во твоите населби.

  11. 11

    Зашто за шест дена Господ ги создаде небото и земјата, морето и сѐ што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови саботниот ден и го освети.

  12. 12

    Почитувај ги својот татко и својата мајка, за да ти се продолжат деновите во земјата што ти ја дава Господ, твојот Бог.

  13. 13

    Не убивај.

  14. 14

    Не прави прељуба.

  15. 15

    Не кради.

  16. 16

    Не сведочи лажно против својот ближен.

  17. 17

    Не го посакувај домот на својот ближен; не ја посакувај жената на својот ближен, ни неговиот слуга, ни неговата слугинка, ни неговиот вол, ни неговото магаре, ниту што и да е што му припаѓа на твојот ближен.“

  18. 18

    Целиот народ ги гледаше громовите, молњите, звукот на трубата и планината што чадеше. Кога го видоа тоа, се повлекоа и застанаа подалеку.

  19. 19

    Му рекоа на Мојсеј: „Ти зборувај ни, и ние ќе слушаме; но Бог да не ни зборува, за да не умреме.“

  20. 20

    Мојсеј му рече на народот: „Не се плашете, зашто Бог дојде да ве испита и стравот од Него да биде пред вас, за да не грешите.“

  21. 21

    Народот стоеше подалеку, а Мојсеј се приближи до густата темнина каде што беше Бог.

  22. 22

    Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Вака кажи им на Израелевите синови: ‚Самите видовте дека ви зборував од небото.

  23. 23

    Не правете покрај Мене богови од сребро и не си правете богови од злато.

  24. 24

    Направи Ми жртвеник од земја и на него принесувај ги своите жртви паленици и жртви за мир, своите овци и говеда. На секое место каде што ќе направам да се спомнува Моето име, ќе дојдам кај тебе и ќе те благословам.

  25. 25

    Ако Ми изградиш жртвеник од камења, не го гради од делкани камења, зашто ако го допреш со својата алатка, ќе го оскверниш.

  26. 26

    И не се искачувај до Мојот жртвеник по скали, за да не се открие твојата голотија над него.‘“