2 Мојсеева — Излез
Глава 24
- 1
Потоа Бог му рече на Мојсеј: „Искачете се кај Господ, ти и Арон, Надав и Авиуд, и седумдесетмина од Израелевите старешини, и поклонете се оддалеку.
- 2
Само Мојсеј нека се приближи до Господ; другите да не се приближуваат, а народот да не се искачува со него.“
- 3
Мојсеј дојде и му ги кажа на народот сите Господови зборови и сите закони. Целиот народ едногласно одговори: „Ќе направиме сѐ што рече Господ.“
- 4
Мојсеј ги запиша сите Господови зборови. Рано следното утро изгради жртвеник во подножјето на планината и постави дванаесет камени столбови според дванаесетте Израелеви племиња.
- 5
Испрати млади луѓе од Израелевите синови, и тие Му принесоа на Господ жртви паленици и жртвуваа јунци како жртви за мир.
- 6
Мојсеј зеде половина од крвта и ја стави во садови, а со другата половина го попрска жртвеникот.
- 7
Потоа ја зеде Книгата на заветот и ја прочита пред народот. Тие рекоа: „Ќе правиме сѐ што рече Господ и ќе бидеме послушни.“
- 8
Мојсеј ја зеде крвта, го попрска народот и рече: „Еве ја крвта на заветот што Господ го склучи со вас врз основа на сите овие зборови.“
- 9
Потоа се искачија Мојсеј и Арон, Надав и Авиуд, и седумдесетмина од Израелевите старешини.
- 10
Го видоа Израелевиот Бог. Под Неговите нозе имаше нешто како плоча од сафир, чиста како самото небо.
- 11
Тој не ја крена Својата рака против избраните од Израелевите синови; тие Го видоа Бог, па јадеа и пиеја.
- 12
Господ му рече на Мојсеј: „Искачи се кај Мене на планината и остани таму. Ќе ти ги дадам камените плочи со законот и заповедите што ги напишав, за да го поучуваш народот.“
- 13
Мојсеј стана со својот помошник Исус Навин, и се искачи на Божјата планина.
- 14
На старешините им рече: „Чекајте нѐ овде додека не се вратиме кај вас. Ете, Арон и Ор се со вас; кој има спор, нека оди кај нив.“
- 15
Мојсеј се искачи на планината, а облакот ја покри планината.
- 16
Господовата слава почиваше на Синајската планина, и облакот ја покриваше шест дена. На седмиот ден Господ го повика Мојсеј од средината на облакот.
- 17
Пред очите на Израелевите синови изгледот на Господовата слава беше како оган што проголтува на врвот од планината.
- 18
Мојсеј влезе во средината на облакот и се искачи на планината. Остана на планината четириесет дена и четириесет ноќи.