2 Мојсеева — Излез
Глава 27
- 1
Направи жртвеник од акациево дрво, долг пет лакти и широк пет лакти; жртвеникот нека биде квадратен и висок три лакти.
- 2
На неговите четири агли направи рогови што ќе бидат дел од самиот жртвеник, и обложи го со бронза.
- 3
Направи му садови за пепел, лопати, садови за попрскување, вилушки и садови за жар; сите негови предмети направи ги од бронза.
- 4
Направи му бронзена решетка во вид на мрежа, а на четирите агли на мрежата направи четири бронзени алки.
- 5
Постави ја под рабникот на жртвеникот, така што мрежата да стигнува до половината на жртвеникот.
- 6
Направи прачки за жртвеникот од акациево дрво и обложи ги со бронза.
- 7
Провлечи ги прачките низ алките, така што да бидат од двете страни на жртвеникот кога се носи.
- 8
Направи го жртвеникот шуплив, од штици. Нека биде направен како што ти беше покажано на планината.
- 9
Направи го дворот на живеалиштето. На јужната страна нека има завеси од фино преден лен, долги сто лакти.
- 10
Нека има дваесет столба со дваесет бронзени подножја; куките на столбовите и нивните врски нека бидат сребрени.
- 11
И по должината на северната страна нека има завеси долги сто лакти, со дваесет столба и дваесет бронзени подножја; куките и врските нека бидат сребрени.
- 12
На западната страна, по ширината на дворот, нека има завеси долги педесет лакти, со десет столба и десет подножја.
- 13
Ширината на дворот на источната страна нека биде педесет лакти.
- 14
Од едната страна на влезот нека има завеси долги петнаесет лакти, со три столба и три подножја.
- 15
И од другата страна нека има завеси долги петнаесет лакти, со три столба и три подножја.
- 16
За влезот на дворот нека има везена завеса долга дваесет лакти, од сина, пурпурна и црвена ткаенина и од фино преден лен, со четири столба и четири подножја.
- 17
Сите столбови околу дворот нека бидат поврзани со сребрени врски; нивните куки нека бидат сребрени, а подножјата бронзени.
- 18
Дворот нека биде долг сто лакти, широк педесет лакти и висок пет лакти. Завесите нека бидат од фино преден лен, а подножјата од бронза.
- 19
Сите предмети за службата во живеалиштето, сите негови колци и сите колци на дворот нека бидат од бронза.
- 20
Заповедај им на Израелевите синови да ти донесуваат чисто маслиново масло, истолчено од маслинки, за светилникот постојано да свети.
- 21
Во Шаторот на средбата, надвор од завесата што е пред Сведоштвото, Арон и неговите синови нека се грижат светилникот да гори од вечер до утро пред Господ. Тоа нека биде вечна заповед за Израелевите синови во сите нивни поколенија.