Прескокни кон главната содржина

2 Мојсеева — Излез

Глава 40

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј:

  2. 2

    „На првиот ден од првиот месец постави го живеалиштето, Шаторот на средбата.

  3. 3

    Во неа стави го ковчегот на Сведоштвото и засолни го ковчегот со завесата.

  4. 4

    Внеси ја трпезата и постави ги на неа предметите што ѝ припаѓаат; внеси го светилникот и запали ги неговите светилки.

  5. 5

    Постави го златниот жртвеник за темјан пред ковчегот на Сведоштвото и закачи ја завесата на влезот во живеалиштето.

  6. 6

    Постави го жртвеникот за жртви паленици пред влезот во живеалиштето, Шаторот на средбата.

  7. 7

    Постави го садот за миење меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот и налеј вода во него.

  8. 8

    Постави го дворот наоколу и закачи ја завесата на влезот во дворот.

  9. 9

    Земи го маслото за помазание, помажи го живеалиштето и сѐ што е во него; освети го живеалиштето и сите негови предмети, и тоа ќе биде свето.

  10. 10

    Помажи ги жртвеникот за жртви паленици и сите негови предмети, освети го жртвеникот, и тој ќе биде пресвет.

  11. 11

    Помажи ги садот за миење и неговото подножје и освети го.

  12. 12

    Потоа доведи ги Арон и неговите синови пред влезот на Шаторот на средбата и измиј ги со вода.

  13. 13

    Облечи го Арон во светите облеки, помажи го и освети го, за да Ми служи како свештеник.

  14. 14

    Доведи ги и неговите синови, облечи им ги туниките

  15. 15

    и помажи ги како што го помаза нивниот татко, за да Ми служат како свештеници. Нивното помазание нека им даде вечно свештенство во сите нивни поколенија.“

  16. 16

    Мојсеј направи сѐ; постапи точно како што му заповеда Господ.

  17. 17

    Во првиот месец од втората година, на првиот ден од месецот, живеалиштето беше поставено.

  18. 18

    Мојсеј го постави живеалиштето: ги намести неговите подножја, ги постави рамките, ги намести напречните прачки и ги исправи столбовите.

  19. 19

    Го распна шаторот над живеалиштето и го постави покривот над шаторот, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  20. 20

    Потоа ги зеде плочите на Сведоштвото и ги стави во ковчегот, ги провлече прачките низ алките на ковчегот и го постави капакот на помирувањето врз ковчегот.

  21. 21

    Го внесе ковчегот во живеалиштето, ја закачи завесата што засолнува и го засолни ковчегот на Сведоштвото, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  22. 22

    Ја постави трпезата во Шаторот на средбата, на северната страна на живеалиштето, надвор од завесата,

  23. 23

    и ги нареди врз неа лебовите пред Господ, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  24. 24

    Го постави светилникот во Шаторот на средбата, спроти трпезата, на јужната страна на живеалиштето,

  25. 25

    и ги запали светилките пред Господ, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  26. 26

    Го постави златниот жртвеник во Шаторот на средбата, пред завесата,

  27. 27

    и врз него запали миризлив темјан, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  28. 28

    Ја закачи завесата на влезот во живеалиштето.

  29. 29

    Жртвеникот за жртви паленици го постави пред влезот во живеалиштето, Шаторот на средбата, и врз него принесе жртва паленица и житен принос, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  30. 30

    Го постави садот за миење меѓу Шаторот на средбата и жртвеникот и налеа вода во него за миење.

  31. 31

    Од него Мојсеј, Арон и неговите синови ги миеја своите раце и нозе.

  32. 32

    Кога влегуваа во Шаторот на средбата и кога се приближуваа до жртвеникот, се миеја, како што Господ му заповеда на Мојсеј.

  33. 33

    Потоа го постави дворот околу живеалиштето и жртвеникот и ја закачи завесата на влезот во дворот. Така Мојсеј го заврши делото.

  34. 34

    Тогаш облакот го покри Шаторот на средбата, а Господовата слава го исполни живеалиштето.

  35. 35

    Мојсеј не можеше да влезе во Шаторот на средбата, зашто облакот стоеше над него, а Господовата слава го исполнуваше живеалиштето.

  36. 36

    Секогаш кога облакот се креваше од живеалиштето, Израелевите синови тргнуваа на своите патувања.

  37. 37

    Но ако облакот не се креваше, тие не тргнуваа сѐ до денот кога ќе се кренеше.

  38. 38

    Зашто Господовиот облак беше над живеалиштето дење, а ноќе во него имаше оган пред очите на целиот Израелев дом, во сите нивни патувања.