Езекиел
Глава 10
Погледнав и ете, над сводот што беше над главите на херувимите се појави нешто како камен сафир, со изглед на престол. (Езекиел 10:1)
Тогаш Тој му рече на човекот облечен во ленена облека: „Влези меѓу тркалата, под херувимите, наполни ги дланките со вжарени јаглени од огнот меѓу херувимите и расфрли ги над градот.“ И човекот влезе пред моите очи. (Езекиел 10:2)
Херувимите стоеја од десната страна на Домот кога човекот влезе, а облакот го исполни внатрешниот двор. (Езекиел 10:3)
Господовата слава се издигна од херувимот и се придвижи кон прагот на Домот. Домот се исполни со облак, а дворот со сјајот на Господовата слава. (Езекиел 10:4)
Шумот од крилјата на херувимите се слушаше дури до надворешниот двор, како гласот на Семоќниот Бог кога зборува. (Езекиел 10:5)
Кога му заповеда на човекот облечен во ленена облека: „Земи оган меѓу тркалата, од средината на херувимите“, човекот влезе и застана покрај едно од тркалата. (Езекиел 10:6)
Тогаш еден херувим ја испружи својата рака кон огнот што беше меѓу херувимите, зеде од него и го стави во дланките на човекот облечен во ленена облека. Тој го зеде и излезе. (Езекиел 10:7)
Под крилјата на херувимите се гледаше нешто во облик на човечка рака. (Езекиел 10:8)
Погледнав и ете, покрај херувимите имаше четири тркала – по едно тркало покрај секој херувим. Тркалата блескаа како камен берил. (Езекиел 10:9)
Сите четири имаа ист изглед; нивната градба беше како едно тркало да се наоѓа во друго тркало. (Езекиел 10:10)
Кога се движеа, одеа во која било од четирите насоки без да се свртуваат. Одеа во насоката кон која беше свртена главата, без да се свртуваат додека се движеа. (Езекиел 10:11)
Целото нивно тело – грбот, рацете и крилјата – како и тркалата, беше полно со очи наоколу; сите четири имаа такви тркала. (Езекиел 10:12)
А тркалата, како што слушнав, беа наречени „вртежни тркала“. (Езекиел 10:13)
Секој херувим имаше четири лица: првото беше лице на херувим, второто човечко лице, третото лице на лав, а четвртото лице на орел. (Езекиел 10:14)
Тогаш херувимите се издигнаа. Тоа беа истите живи суштества што ги видов покрај реката Кевар. (Езекиел 10:15)
Кога херувимите се движеа, тркалата се движеа покрај нив; кога херувимите ги креваа крилјата за да се издигнат од земјата, ни тркалата не се одделуваа од нив. (Езекиел 10:16)
Кога тие застануваа, застануваа и тркалата; кога тие се издигаа, со нив се издигаа и тркалата, зашто духот на живите суштества беше во нив. (Езекиел 10:17)
Тогаш Господовата слава се оддалечи од прагот на Домот и застана над херувимите. (Езекиел 10:18)
Херувимите ги кренаа своите крилја и пред моите очи се издигнаа од земјата. Кога тргнаа, тркалата одеа покрај нив. Застанаа кај влезот на источната порта на Господовиот дом, а славата на Бог Израелев беше над нив. (Езекиел 10:19)
Тоа беа истите живи суштества што ги видов под Бог Израелев покрај реката Кевар, и тогаш разбрав дека се херувими. (Езекиел 10:20)
Секој имаше четири лица и четири крилја, а под нивните крилја имаше нешто во облик на човечки раце. (Езекиел 10:21)
Нивните лица беа истите лица што ги видов покрај реката Кевар. И нивниот изглед беше ист. Секој одеше право напред. (Езекиел 10:22)