Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 19

  1. 1

    „А ти, крени тажачка песна за водачите Израелеви.

  2. 2

    Кажи: ‚Каква беше твојата мајка? Лавица меѓу лавови! Лежеше меѓу младите лавови и ги одгледуваше своите младенчиња.

  3. 3

    Одгледа едно од своите младенчиња и тоа стана млад лав. Научи да распарчува плен и почна да проголтува луѓе.

  4. 4

    Народите чуја за него. Беше фатен во нивната јама и со куки го одведоа во египетската земја.

  5. 5

    Кога лавицата виде дека чекањето е залудно и нејзината надеж пропадна, зеде друго од своите младенчиња и го направи млад лав.

  6. 6

    Тој се движеше меѓу лавовите и стана млад лав. Научи да распарчува плен и проголтуваше луѓе.

  7. 7

    Ги разурнуваше нивните тврдини и ги опустошуваше нивните градови. Земјата и сѐ што беше во неа се ужаснуваа од звукот на неговото рикање.

  8. 8

    Тогаш народите од околните земји се кренаа против него, ја раширија својата мрежа над него и тој беше фатен во нивната јама.

  9. 9

    Го ставија во кафез со куки и го одведоа кај вавилонскиот цар. Го однесоа во тврдина, за неговиот глас повеќе да не се слуша по планините Израелеви.

  10. 10

    Твојата мајка беше како лоза засадена покрај вода. Беше плодна и полна со гранки поради изобилството вода.

  11. 11

    Израснаа силни гранки погодни за владетелски жезли. Се издигна високо меѓу густите гранки и се забележуваше по својата височина и по мноштвото гранки.

  12. 12

    Но во гнев беше искорната и фрлена на земја. Источниот ветер ѝ го исуши плодот; силните гранки ѝ беа скршени и се исушија, а огнот ги проголта.

  13. 13

    Сега е засадена во пустина, во сува и жедна земја.

  14. 14

    Оган излезе од една од нејзините главни гранки и го проголта нејзиниот плод. Не ѝ остана силна гранка што би можела да стане владетелски жезол.‘ Ова е тажачка песна и ќе остане тажачка песна.“