Езекиел
Глава 28
- 1
Господовиот збор дојде до мене:
- 2
„Сине човечки, кажи му на водачот на Тир: ‚Вака вели Господ Бог: Бидејќи твоето срце се исполни со гордост и рече: „Јас сум бог! Седам на божји престол среде морето“, иако си човек, а не Бог, ти го сметаш своето срце како да е Божјо.
- 3
Ете, се сметаш помудар од Даниел; мислиш дека ниедна тајна не може да биде скриена од тебе.
- 4
Со својата мудрост и разум си стекна богатство и собра злато и сребро во своите ризници.
- 5
Со својата голема мудрост во трговијата го умножи своето богатство, а твоето срце се исполни со гордост поради богатството.‘
- 6
Затоа вака вели Господ Бог: ‚Бидејќи го сметаш своето срце како да е Божјо,
- 7
ете, ќе доведам против тебе туѓинци, најсуровите меѓу народите. Тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го осквернат твојот сјај.
- 8
Ќе те спуштат во јамата и ќе умреш како убиен среде морето.
- 9
Зар и тогаш пред оној што те убива ќе велиш: „Јас сум бог“? Во рацете на оние што ќе те убијат ќе бидеш само човек, а не Бог.
- 10
Ќе умреш како необрежан во рацете на туѓинци, зашто Јас зборував‘“, вели Господ Бог.
- 11
Господовиот збор повторно дојде до мене:
- 12
„Сине човечки, крени тажачка песна за царот на Тир и кажи му: ‚Вака вели Господ Бог: Ти беше печат на совршенство, исполнет со мудрост и совршен во убавина.
- 13
Беше во Еден, Божјата градина. Те покриваше секој скапоцен камен: рубин, топаз, дијамант, берил, оникс, јаспис, сафир, карбункул, смарагд и злато. Твоите украси и лежишта беа подготвени во денот кога беше создаден.
- 14
Те поставив како помазан херувим-заштитник. Беше на Божјата света гора и се движеше меѓу огнени камења.
- 15
Беше беспрекорен во своите патишта од денот кога беше создаден, сѐ додека во тебе не се најде неправедност.
- 16
Поради мноштвото на твојата трговија се исполни со насилство и згреши. Затоа те отстранив како осквернет од Божјата гора и те уништив, херувиме-заштитнику, од средината на огнените камења.
- 17
Твоето срце се исполни со гордост поради твојата убавина; ја расипа својата мудрост поради својот сјај. Те фрлив на земјата и те поставив пред царевите за да гледаат во тебе.
- 18
Со мноштвото на своите беззаконија и со неправедната трговија ги оскверни своите светилишта. Затоа изведов оган од тебе и тој те проголта. Те претворив во пепел на земјата пред очите на сите што те гледаа.
- 19
Сите што те познаваат меѓу народите се ужаснуваат поради тебе. Стана ужас и повеќе никогаш нема да те има.‘“
- 20
Господовиот збор повторно дојде до мене:
- 21
„Сине човечки, сврти го своето лице кон Сидон и пророкувај против него.
- 22
Кажи: ‚Вака вели Господ Бог: Ете, Јас сум против тебе, Сидоне! Ќе се прославам среде тебе. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, кога ќе извршам пресуди над него и ќе ја покажам Својата светост во него.
- 23
Ќе испратам помор во него и крвопролевање по неговите улици. Убиените ќе паѓаат среде него од мечот што ќе дојде против него од сите страни. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ.
- 24
Повеќе нема да има за домот Израелев болен трн и боцка од сите околни народи што го презираат. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ Бог.‘
- 25
Вака вели Господ Бог: ‚Кога ќе го соберам домот Израелев од народите меѓу кои беше расеан и преку нив ќе ја покажам Својата светост пред очите на народите, тогаш ќе живеат во својата земја што му ја дадов на Мојот слуга Јаков.
- 26
Ќе живеат таму безбедно, ќе градат куќи и ќе садат лозја. Ќе живеат спокојно кога ќе извршам пресуди над сите околу нив што ги презираа. Тогаш ќе знаат дека Јас сум Господ, нивниот Бог.‘“