Прескокни кон главната содржина

Езекиел

Глава 42

  1. Потоа ме изведе во надворешниот двор, кон север, и ме одведе до одаите спроти одделениот простор и спроти градбата на северната страна.

  2. Просторот пред нив беше долг сто лакти, со влез од север, а широк педесет лакти.

  3. Одаите беа спроти дваесетте лакти на внатрешниот двор и спроти плочникот на надворешниот двор. Галериите беа една спроти друга на три нивоа.

  4. Пред одаите имаше премин широк десет лакти, а патеката кон внатрешноста беше широка еден лакот. Нивните влезови беа свртени кон север.

  5. Горните одаи беа потесни, бидејќи галериите заземаа повеќе простор од нив отколку кај средните и долните одаи.

  6. Бидејќи беа на три нивоа и немаа столбови како дворовите, горните беа повлечени наназад во однос на долните и средните.

  7. Надворешниот ѕид покрај одаите, свртен кон надворешниот двор, беше долг педесет лакти.

  8. Одаите што беа кон надворешниот двор беа долги педесет лакти, а оние спроти храмот – сто лакти.

  9. Под овие одаи имаше влез од источната страна за оној што влегува од надворешниот двор.

  10. Во ширината на ѕидот на дворот кон исток, спроти одделениот простор и спроти градбата, исто така имаше одаи.

  11. Пред нив имаше патека. Изгледаа како одаите од северната страна и имаа иста должина и ширина, исти излези, распоред и влезови.

  12. Исто како кај одаите од јужната страна, имаше влез на почетокот на патеката, покрај заштитниот ѕид, од источната страна.

  13. Тогаш ми рече: „Северните и јужните одаи спроти одделениот простор се свети одаи. Таму свештениците што Му пристапуваат на Господ ќе ги јадат најсветите приноси. Таму ќе ги оставаат најсветите приноси – житниот принос, жртвата за грев и жртвата за вина – зашто местото е свето.

  14. Кога свештениците ќе влезат во светото место, нема да излегуваат од него во надворешниот двор во облеката во која служеле. Таа облека ќе ја оставаат таму, зашто е света. Ќе облечат друга облека пред да му пристапат на народот.“

  15. Кога заврши со мерењето на внатрешниот Дом, ме изведе низ портата свртена кон исток и го измери целиот простор наоколу.

  16. Ја измери источната страна со мерната трска: петстотини трски.

  17. Ја измери северната страна: петстотини трски.

  18. Ја измери јужната страна: петстотини трски.

  19. Потоа се сврте кон западната страна и измери петстотини трски.

  20. Го измери просторот од сите четири страни. Околу него имаше ѕид, долг петстотини и широк петстотини, за да го одделува светото од обичното.