Езекиел
Глава 48
- 1
„Ова се имињата на племињата. На крајниот север, покрај патот од Хетлон кон влезот во Хамат, до Хацар-Енан на северната граница на Дамаск, покрај Хамат, од исток до запад — еден дел за Дан.
- 2
Покрај границата на Дан, од исток до запад — еден дел за Асер.
- 3
Покрај границата на Асер, од исток до запад — еден дел за Нефталим.
- 4
Покрај границата на Нефталим, од исток до запад — еден дел за Манасија.
- 5
Покрај границата на Манасија, од исток до запад — еден дел за Ефрем.
- 6
Покрај границата на Ефрем, од исток до запад — еден дел за Рувим.
- 7
Покрај границата на Рувим, од исток до запад — еден дел за Јуда.
- 8
Покрај границата на Јуда, од исток до запад, ќе биде светиот дел што ќе го одвоите: широк дваесет и пет илјади, а долг колку еден од племенските делови, од источната до западната граница. Светилиштето ќе биде во неговата средина.
- 9
Светиот дел што ќе Му го одвоите на Господ ќе биде долг дваесет и пет илјади и широк десет илјади.
- 10
Овој свет дел ќе им припадне на свештениците: на север дваесет и пет илјади во должина, на запад десет илјади во ширина, на исток десет илјади во ширина и на југ дваесет и пет илјади во должина. Господовото светилиште ќе биде во неговата средина.
- 11
Тој дел ќе им припадне на посветените свештеници, синовите на Садок, кои верно ја извршуваа Мојата служба и не се оддалечија кога синовите Израелеви се оддалечија, како што се оддалечија Левитите.
- 12
Нивниот дел од земјата ќе биде најсвет дел, покрај границата на Левитите.
- 13
Покрај границата на свештениците, Левитите ќе имаат дел долг дваесет и пет илјади и широк десет илјади. Целата негова должина ќе биде дваесет и пет илјади, а ширината десет илјади.
- 14
Не смеат да продаваат од него, да го заменуваат ниту да го пренесуваат на друг овој најдобар дел од земјата, зашто е свет за Господ.
- 15
Преостанатите пет илјади во ширина, покрај дваесет и петте илјади, ќе бидат обичен простор за градот — за живеење и за пасишта. Градот ќе биде во неговата средина.
- 16
Ова ќе бидат мерките на градот: северната страна четири илјади и петстотини, јужната четири илјади и петстотини, источната четири илјади и петстотини и западната четири илјади и петстотини.
- 17
Градот ќе има слободен простор од двесте и педесет од север, двесте и педесет од југ, двесте и педесет од исток и двесте и педесет од запад.
- 18
Преостанатата должина покрај светиот дел ќе биде десет илјади кон исток и десет илјади кон запад. Нејзиниот род ќе служи како храна за оние што работат за градот.
- 19
Луѓето што ќе работат на таа земја за градот ќе доаѓаат од сите племиња Израелеви.
- 20
Целиот одвоен простор ќе биде квадрат од дваесет и пет илјади на дваесет и пет илјади. Светиот дел и градската сопственост заедно ќе го сочинуваат тој квадрат.
- 21
Она што ќе остане од двете страни на светиот дел и градската сопственост ќе му припадне на водачот. Ќе се протега источно од дваесет и петте илјади до источната граница и западно од дваесет и петте илјади до западната граница, паралелно со племенските делови. Тоа ќе му припадне на водачот, а светиот дел и светилиштето на Домот ќе бидат во средината.
- 22
Земјата на Левитите и градската сопственост ќе бидат во средината на делот што му припаѓа на водачот. Тој простор ќе биде меѓу границата на Јуда и границата на Венијамин.
- 23
За останатите племиња: од исток до запад — еден дел за Венијамин.
- 24
Покрај границата на Венијамин, од исток до запад — еден дел за Симеон.
- 25
Покрај границата на Симеон, од исток до запад — еден дел за Исахар.
- 26
Покрај границата на Исахар, од исток до запад — еден дел за Завулон.
- 27
Покрај границата на Завулон, од исток до запад — еден дел за Гад.
- 28
Јужно од границата на Гад, јужната граница ќе оди од Тамар до водите на Мерива-Кадеш, потоа по потокот до Големото Море.
- 29
Тоа е земјата што ќе ја поделите со ждрепка како наследство меѓу племињата Израелеви. Тоа ќе бидат нивните делови“, вели Господ Бог.
- 30
„Ова ќе бидат излезите на градот. Северната страна ќе биде четири илјади и петстотини.
- 31
Портите на градот ќе ги носат имињата на племињата Израелеви. На север ќе има три порти: портата на Рувим, портата на Јуда и портата на Леви.
- 32
Источната страна ќе биде четири илјади и петстотини и ќе има три порти: портата на Јосиф, портата на Венијамин и портата на Дан.
- 33
Јужната страна ќе биде четири илјади и петстотини и ќе има три порти: портата на Симеон, портата на Исахар и портата на Завулон.
- 34
Западната страна ќе биде четири илјади и петстотини и ќе има три порти: портата на Гад, портата на Асер и портата на Нефталим.
- 35
Целиот обем на градот ќе биде осумнаесет илјади. А од тој ден името на градот ќе биде: „ГОСПОД Е ТАМУ.“