Прескокни кон главната содржина

1 Мојсеева — Битие

Глава 14

  1. 1

    Во времето на Амрафел, царот на Шинар, Ариох, царот на Еласар, Кедорлаомер, царот на Елам, и Тидал, царот на Гоим,

  2. 2

    тие цареви поведоа војна против Бера, царот на Содом, Бирша, царот на Гомор, Шинав, царот на Адма, Шемевер, царот на Цевоим, и царот на Бела, односно Цоар.

  3. 3

    Сите тие се собраа во долината Сидим, каде што сега е Соленото Море.

  4. 4

    Дванаесет години му служеа на Кедорлаомер, а во тринаесеттата година се побунија.

  5. 5

    Во четиринаесеттата година дојдоа Кедорлаомер и царевите што беа со него, па ги поразија Рефаимците во Аштерот-Карнаим, Зузимците во Хам и Емимците во Шаве-Киријатаим,

  6. 6

    и Хорејците во нивната планина Сеир, сѐ до Ел-Паран, кој е покрај пустината.

  7. 7

    Потоа се вратија и дојдоа во Ен-Мишпат, односно Кадеш, и ја поразија целата земја на Амаликијците, како и Аморејците што живееја во Хацацон-Тамар.

  8. 8

    Тогаш излегоа царот на Содом, царот на Гомор, царот на Адма, царот на Цевоим и царот на Бела, односно Цоар, и се наредија за бој во долината Сидим,

  9. 9

    против Кедорлаомер, царот на Елам, Тидал, царот на Гоим, Амрафел, царот на Шинар, и Ариох, царот на Еласар - четири цареви против пет.

  10. 10

    Долината Сидим беше полна со јами од смола. Царевите на Содом и Гомор, бегајќи, паднаа во нив, а другите побегнаа во планината.

  11. 11

    Победниците го зедоа сиот имот на Содом и Гомор и сета нивна храна, па си заминаа.

  12. 12

    Го зедоа и Лот, Аврамовиот внук, кој живееше во Содом, заедно со неговиот имот, и си отидоа.

  13. 13

    Еден од оние што избегаа дојде и му јави на Евреинот Аврам. Тој живееше кај дабовите на Амореецот Мамре, братот на Есхол и Анер, кои беа Аврамови сојузници.

  14. 14

    Кога Аврам чу дека неговиот роднина е заробен, ги поведе своите триста и осумнаесет обучени луѓе, родени во неговиот дом, и ги гонеше непријателите сѐ до Дан.

  15. 15

    Ноќе ги раздели своите луѓе, ги нападна и ги порази, па ги гонеше до Хова, северно од Дамаск.

  16. 16

    Го врати сиот имот, го врати и својот роднина Лот со неговиот имот, како и жените и другите луѓе.

  17. 17

    Кога Аврам се враќаше откако ги порази Кедорлаомер и царевите што беа со него, царот на Содом излезе да го пречека во долината Саве, односно Царската долина.

  18. 18

    А Мелхиседек, царот на Салим и свештеник на Севишниот Бог, изнесе леб и вино.

  19. 19

    Тој го благослови Аврам и рече: „Нека е благословен Аврам од Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата!

  20. 20

    И нека е благословен Севишниот Бог, Кој ти ги предаде непријателите во рацете!“ Тогаш Аврам му даде десеток од сѐ.

  21. 21

    Царот на Содом му рече на Аврам: „Дај ми ги луѓето, а имотот задржи го за себе.“

  22. 22

    Но Аврам му одговори на царот на Содом: „Ја кренав својата рака пред Господ, Севишниот Бог, Создателот на небото и земјата,

  23. 23

    и се заколнав дека нема да земам ништо што е твое, ниту конец, ниту ремче од обувка, за да не речеш: ‚Јас го збогатив Аврам.‘

  24. 24

    Нема да земам ништо, освен она што го изедоа младите луѓе и делот што им припаѓа на мажите што дојдоа со мене - Анер, Есхол и Мамре. Тие нека си го земат својот дел.“