Прескокни кон главната содржина

Евреите

Глава 13

  1. 1

    Братољубието нека остане меѓу вас.

  2. 2

    Не заборавајте го гостопримството, зашто така некои, без да знаат, угостија ангели.

  3. 3

    Сеќавајте се на затворениците како да сте затворени со нив, и на оние што се измачувани, бидејќи и самите сте во тело.

  4. 4

    Бракот нека биде почитуван од сите, и брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и прељубниците.

  5. 5

    Не бидете среброљубиви; бидете задоволни со она што го имате. Зашто Тој рекол: „Никогаш нема да те оставам ниту ќе те напуштам.“

  6. 6

    Затоа смело можеме да речеме: „Господ ми е Помошник; нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“

  7. 7

    Сеќавајте се на своите водачи, кои ви го проповедаа Божјиот Збор. Набљудувајте го исходот од нивниот живот и угледајте се на нивната вера.

  8. 8

    Исус Христос е ист вчера, денес и довека.

  9. 9

    Не дозволувајте да ве заведуваат разни и туѓи учења. Добро е срцето да се зацврстува со благодат, а не со јадења, од кои немаа корист оние што ги следеа.

  10. 10

    Ние имаме жртвеник од кој немаат право да јадат оние што служат во шаторот.

  11. 11

    Зашто телата на животните, чија крв првосвештеникот ја внесува во Најсветото место како жртва за грев, се изгоруваат надвор од логорот.

  12. 12

    Затоа и Исус, за да го освети народот со Својата крв, пострада надвор од градската порта.

  13. 13

    И така, да излегуваме кај Него надвор од логорот, носејќи го Неговиот укор.

  14. 14

    Зашто овде немаме траен град, туку го бараме идниот.

  15. 15

    ⟦Затоа⟧ преку Него постојано да Му принесуваме на Бог жртва на пофалба, односно плод на усните што го исповедаат Неговото име.

  16. 16

    Не заборавајте да правите добро и да го споделувате она што го имате со другите, зашто такви жртви Му се угодни на Бог.

  17. 17

    Бидете им послушни на своите водачи и покорувајте им се, зашто тие бдеат над вашите души знаејќи дека ќе дадат сметка. Нека го прават тоа со радост, а не со воздишки, зашто тоа не би ви било од корист.

  18. 18

    Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме добра совест и сакаме во сѐ чесно да постапуваме.

  19. 19

    Уште повеќе ве молам да го правите тоа, за да ви бидам вратен што поскоро.

  20. 20

    А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воскресна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус –

  21. 21

    нека ве оспособи за секое добро, за да ја исполнувате Неговата волја, вршејќи во нас она што Му е угодно преку Исус Христос. Нему нека Му биде славата во вечни векови. Амин.

  22. 22

    Ве молам, браќа, прифатете ја трпеливо оваа порака на охрабрување, зашто ви напишав накратко.

  23. 23

    Знајте дека нашиот брат Тимотеј е ослободен. Ако наскоро дојде, ќе ве посетам заедно со него.

  24. 24

    Поздравете ги сите свои водачи и сите свети. Ве поздравуваат оние што се од Италија.

  25. 25

    Благодатта нека биде со сите вас.