Прескокни кон главната содржина

Осија

Глава 9

  1. 1

    Не радувај се, Израеле, како што се радуваат народите, зашто блудствуваше, оддалечувајќи се од својот Бог; ја засака блудничката плата по сите гумна за жито.

  2. 2

    Гумното и пресата нема да ги хранат, а ширата (виното) ќе ги изневери.

  3. 3

    Нема повеќе да живеат во Господовата земја; Ефрем ќе се врати во Египет, а во Асирија ќе јадат нечиста храна.

  4. 4

    Нема да Му принесуваат вински преливи на Господ, ниту нивните жртви ќе Му бидат угодни; тие ќе им бидат како леб на ожалостени. Секој што ќе јаде од него ќе се оскверни, зашто нивниот леб ќе биде само за нив и нема да влезе во Господовиот дом.

  5. 5

    Што ќе правите во денот на свечениот собир и во денот на Господовиот празник?

  6. 6

    Зашто, ете, тие ќе заминат поради пустошењето; Египет ќе ги собере, Моф ќе ги погребе; коприви ќе ги прекријат нивните сребрени богатства, а трње ќе има во нивните шатори.

  7. 7

    Дојдоа деновите на казната, дојдоа деновите на отплатата; Израел ќе го разбере тоа. Пророкот го сметаат за безумен, а човекот на духот за луд, поради твоето големо беззаконие и големата омраза.

  8. 8

    Пророкот е стражар над Ефрем со мојот Бог; но стапица на птицоловец има по сите негови патишта, а омраза има во домот на неговиот Богг.

  9. 9

    Длабоко се расипаа, како во деновите на Гива; Тој ќе се сети на нивното беззаконие и ќе ги казни за нивните гревови.

  10. 10

    „Го најдов Израел како грозје во пустината; ги видов вашите татковци како првиот плод на смоквата во нејзината прва сезона. Но тие отидоа кај Баал-Пеор, му се посветија на срамниот идол и станаа одвратни како идолот што го засакаа.

  11. 11

    Славата на Ефрем ќе одлета како птица; нема да има ни раѓање, ни бременост, ни зачнување.

  12. 12

    И ако ги одгледаат своите деца, Јас ќе ги оставам без нив, така што нема да остане човек. Тешко ним кога ќе се оддалечам од нив!

  13. 13

    Ефрем, како што гледам, е како Тир, засаден на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе своите деца пред убиецот.“

  14. 14

    Дај им, Господи! Што ќе им дадеш? Дај им утроба што пометнува и суви гради.

  15. 15

    „Сета нивна злоба е во Галгал; таму ги намразив поради злото на нивните дела. Ќе ги истерам од Мојот дом и нема повеќе да ги љубам; сите нивни водачи се бунтовници.

  16. 16

    Ефрем е поразен; неговиот корен се исуши и нема да дава плод. Дури и да родат деца, Јас ќе им го одземам драгоцениот плод на нивната утроба.“

  17. 17

    Мојот Бог ќе ги отфрли, зашто не Го послушаа; и ќе скитаат меѓу народите.