Еремија
Глава 34
- 1
Зборот што дојде до Еремија од Господ, кога Навуходоносор, царот на Вавилон, со сета своја војска, со сите царства под негова власт и со сите народи војуваше против Ерусалим и против сите негови градови:
- 2
„Вака вели Господ, Бог на Израел: Оди и кажи му на Цедекија, царот на Јуда: ‚Вака вели Господ: Ете, ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар и тој ќе го изгори со оган.
- 3
Ти нема да избегаш од неговата рака, туку сигурно ќе бидеш фатен и предаден во неговите раце. Со свои очи ќе го видиш вавилонскиот цар, тој ќе зборува со тебе лице в лице и ќе отидеш во Вавилон.
- 4
Но слушни го Господовиот збор, Цедекија, царе на Јуда! Вака вели Господ за тебе: Нема да умреш од меч.
- 5
Ќе умреш во мир. Како што палеа погребни огнови во чест на твоите татковци, поранешните цареви што беа пред тебе, така ќе направат и за тебе и ќе те оплакуваат: „Ах, царе!“ Зашто Јас го изговорив овој збор‘“, вели Господ.
- 6
Пророкот Еремија му ги кажа сите овие зборови на Цедекија, царот на Јуда, во Ерусалим.
- 7
Во тоа време војската на вавилонскиот цар војуваше против Ерусалим и против преостанатите градови на Јуда — против Лахиш и Азека, зашто само тие останаа од утврдените градови на Јуда.
- 8
Господовиот збор дојде до Еремија откако царот Цедекија склучи завет со целиот народ во Ерусалим да им објави слобода:
- 9
секој да го ослободи својот роб и својата робинка, Евреин или Еврејка, за никој повеќе да не го држи својот брат Јудеец во ропство.
- 10
Сите водачи и целиот народ што влегоа во заветот послушаа и ги ослободија своите робови и робинки, за повеќе да не им служат. Ги послушаа и ги пуштија.
- 11
Но потоа се предомислија, ги вратија робовите и робинките што ги беа ослободиле и повторно ги принудија да им бидат робови и робинки.
- 12
Тогаш Господовиот збор дојде до Еремија:
- 13
„Вака вели Господ, Бог на Израел: Јас склучив завет со вашите татковци во денот кога ги изведов од египетската земја, од домот на ропството, велејќи:
- 14
‚На крајот од седмата година секој од вас нека го ослободи својот брат Евреин што ви се продал. Откако ќе ти служи шест години, пушти го слободен.‘ Но вашите татковци не Ме слушаа и не го приклонија своето уво.
- 15
Вие неодамна се вративте и направивте што е право во Моите очи, објавувајќи слобода секој на својот ближен, и склучивте завет пред Мене во домот што го носи Моето име.
- 16
Но потоа се премисливте и го осквернивте Моето име. Секој го врати својот роб и својата робинка, кои ги беше ослободил да одат каде што сакаат, и повторно ги принудивте да ви бидат робови и робинки.
- 17
Затоа вака вели Господ: Вие не Ме послушавте и не објавивте вистинска слобода секој на својот брат и ближен. Затоа ете, Јас ви објавувам ‚слобода‘“, вели Господ, „за мечот, поморот и гладот! Ќе ве направам ужас за сите царства на земјата.
- 18
Луѓето што го прекршија Мојот завет и не ги исполнија зборовите на заветот што го склучија пред Мене ќе ги направам како телето што го пресекоа на два дела и поминаа меѓу неговите половини —
- 19
водачите на Јуда, водачите на Ерусалим, дворските службеници, свештениците и целиот народ на земјата што поминаа меѓу половините на телето.
- 20
Ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели и во рацете на оние што го бараат нивниот живот. Нивните мртви тела ќе станат храна за небесните птици и земните ѕверови.
- 21
И Цедекија, царот на Јуда, и неговите водачи ќе ги предадам во рацете на нивните непријатели, во рацете на оние што го бараат нивниот живот и во рацете на војската на вавилонскиот цар, која сега се повлече од вас.
- 22
Ете, ќе заповедам“, вели Господ, „и ќе ги вратам кон овој град. Ќе војуваат против него, ќе го освојат и ќе го изгорат со оган. А градовите на Јуда ќе ги претворам во пустош без жители.“