Еремија
Глава 36
- 1
Во четвртата година на Јехојаким, синот на Јосија, царот на Јуда, дојде овој збор до Еремија од Господ:
- 2
„Земи свиток и запиши ги во него сите зборови што ти ги кажав за Израел, за Јуда и за сите народи, од денот кога почнав да ти зборувам во деновите на Јосија, па сѐ до денес.
- 3
Можеби домот Јудин ќе чуе за сета несреќа што намислив да му ја нанесам и секој ќе се врати од својот зол пат. Тогаш ќе им го простам нивното беззаконие и нивниот грев.“
- 4
Еремија го повика Варух, синот на Нерија, и Варух ги запиша на свитокот, според кажувањето на Еремија, сите Господови зборови што Тој му ги беше кажал.
- 5
Потоа Еремија му заповеда на Варух: „Јас сум спречен и не можам да одам во Господовиот дом.
- 6
Затоа оди ти и прочитај ги од свитокот Господовите зборови што ги запиша според моето кажување. Прочитај ги пред народот во Господовиот дом на денот на постот, а прочитај ги и пред сите луѓе од Јуда што ќе дојдат од своите градови.
- 7
Можеби нивната молитва ќе стигне пред Господ и секој ќе се врати од својот зол пат, зашто големи се гневот и лутината што Господ ги изговори против овој народ.“
- 8
Варух, синот на Нерија, направи сѐ што му заповеда пророкот Еремија и ги прочита Господовите зборови од свитокот во Господовиот дом.
- 9
Во петтата година на Јехојаким, синот на Јосија, царот на Јуда, во деветтиот месец, беше прогласен пост пред Господ за целиот народ во Ерусалим и за сите што дојдоа од градовите на Јуда во Ерусалим.
- 10
Тогаш Варух ги прочита од свитокот зборовите на Еремија пред целиот народ во Господовиот дом, во одајата на писарот Гемарија, синот на Шафан, во горниот двор, кај влезот на Новата Порта на Господовиот дом.
- 11
Кога Михеја, синот на Гемарија, син на Шафан, ги слушна сите Господови зборови од свитокот,
- 12
слезе во царскиот дворец, во одајата на писарот. Таму седеа сите водачи: писарот Елишама, Делаја, синот на Шемаја, Елнатан, синот на Ахбор, Гемарија, синот на Шафан, Цедекија, синот на Хананија, и сите други водачи.
- 13
Михеја им ги раскажа сите зборови што ги чу додека Варух го читаше свитокот пред народот.
- 14
Тогаш сите водачи го испратија Јехуди, синот на Нетанија, син на Шелемија, син на Куши, кај Варух со порака: „Земи го свитокот од кој читаше пред народот и дојди!“ Варух, синот на Нерија, го зеде свитокот и дојде кај нив.
- 15
Тие му рекоа: „Седни и прочитај ни го.“ И Варух им го прочита.
- 16
Кога ги слушнаа сите зборови, исплашено се погледнаа еден со друг и му рекоа на Варух: „Мора да му ги кажеме сите овие зборови на царот.“
- 17
Потоа го прашаа Варух: „Кажи ни, како ги запиша сите овие зборови? Дали Еремија ти ги кажуваше?“
- 18
Варух им одговори: „Тој ми ги кажуваше сите овие зборови, а јас ги запишував со мастило во свитокот.“
- 19
Тогаш водачите му рекоа на Варух: „Оди, скријте се ти и Еремија; никој да не знае каде сте.“
- 20
Потоа отидоа кај царот во дворот, а свитокот го оставија во одајата на писарот Елишама. На царот му раскажаа сѐ што беше напишано.
- 21
Царот го испрати Јехуди да го донесе свитокот. Тој го зеде од одајата на писарот Елишама и го читаше пред царот и пред сите водачи што стоеја околу него.
- 22
Царот седеше во зимската одаја, бидејќи беше деветтиот месец, а пред него гореше оган во огниште.
- 23
Секогаш кога Јехуди ќе прочиташе три или четири колони, царот ги отсекуваше со писарски нож и ги фрлаше во огнот, сѐ додека целиот свиток не изгоре.
- 24
Но ниту царот ниту неговите слуги што ги слушаа сите овие зборови не се исплашија и не ја раскинаа својата облека.
- 25
Иако Елнатан, Делаја и Гемарија го молеа царот да не го гори свитокот, тој не ги послуша.
- 26
Потоа царот им заповеда на Јерахмеел, царскиот син, на Сераја, синот на Азриел, и на Шелемија, синот на Авдеел, да ги фатат писарот Варух и пророкот Еремија. Но Господ ги сокри.
- 27
Откако царот го изгоре свитокот со зборовите што Варух ги запиша според кажувањето на Еремија, Господовиот збор повторно дојде до Еремија:
- 28
„Земи друг свиток и запиши ги во него сите зборови што беа во првиот свиток што го изгоре Јехојаким, царот на Јуда.
- 29
А за Јехојаким, царот на Јуда, кажи: ‚Вака вели Господ: Ти го изгоре овој свиток и рече: „Зошто напиша дека вавилонскиот цар сигурно ќе дојде, ќе ја уништи оваа земја и ќе ги истреби од неа луѓето и животните?“
- 30
Затоа вака вели Господ за Јехојаким, царот на Јуда: Нема да има потомок што ќе седи на Давидовиот престол, а неговото мртво тело ќе биде фрлено надвор — изложено на дневната жега и на ноќниот студ.
- 31
Ќе го казнам него, неговото потомство и неговите слуги за нивното беззаконие. Врз нив, врз жителите на Ерусалим и врз луѓето од Јуда ќе ја донесам сета несреќа што ја изговорив против нив, зашто не слушаа.‘“
- 32
Тогаш Еремија зеде друг свиток и му го даде на писарот Варух, синот на Нерија. Варух, според кажувањето на Еремија, ги запиша во него сите зборови од свитокот што Јехојаким, царот на Јуда, го изгоре во оган, а кон нив беа додадени уште многу слични зборови.