Прескокни кон главната содржина

3 Мојсеева — Левит

Глава 17

  1. 1

    Господ му зборуваше на Мојсеј:

  2. 2

    „Кажи им на Арон, на неговите синови и на сите Израелеви синови: Ова е она што Господ го заповеда:

  3. 3

    Секој човек од Израелевиот дом што ќе заколе говедо, јагне или коза во логорот или надвор од логорот,

  4. 4

    а не го доведе пред влезот на Шаторот на средбата за да Му го принесе на Господ пред Господовото живеалиште, ќе биде виновен за пролеана крв. Тој пролеал крв и нека биде отстранет од својот народ.

  5. 5

    Затоа Израелевите синови нека ги доведуваат жртвите што досега ги колеле на отворено поле пред влезот на Шаторот на средбата, кај свештеникот, и нека Му ги принесуваат на Господ како жртви за мир.

  6. 6

    Свештеникот нека ја попрска крвта околу Господовиот жртвеник, пред влезот на Шаторот на средбата, а маснотијата нека ја изгори како пријатен мирис за Господ.

  7. 7

    Тие веќе не смеат да им принесуваат жртви на демоните во облик на јарци, по кои блудно оделе. Ова нека им биде вечна одредба за сите нивни поколенија.

  8. 8

    Кажи им уште: Ако некој од Израелевиот дом или од странците што живеат меѓу нив принесе жртва паленица или друга жртва,

  9. 9

    а не ја донесе пред влезот на Шаторот на средбата за да Му ја принесе на Господ, тој човек нека биде отстранет од својот народ.

  10. 10

    Ако некој од Израелевиот дом или од странците што живеат меѓу нив јаде каква било крв, ќе го свртам Своето лице против оној што ја јаде крвта и ќе го отстранам од неговиот народ.

  11. 11

    Зашто животот на телото е во крвта. Јас ви ја дадов крвта за жртвеникот, за преку неа да се извршува помирување за вашите души, зашто крвта извршува помирување преку животот.

  12. 12

    Затоа им реков на Израелевите синови: Никој од вас да не јаде крв; ни странецот што живее меѓу вас да не јаде крв.

  13. 13

    Ако некој од Израелевите синови или од странците што живеат меѓу нив улови животно или птица што смее да се јаде, нека ја истури нејзината крв и нека ја покрие со земја.

  14. 14

    Зашто животот на секое тело е неговата крв. Затоа им реков на Израелевите синови: Не ја јадете крвта на ниедно суштество, зашто животот на секое суштество е неговата крв. Секој што ќе ја јаде нека биде отстранет.

  15. 15

    Секој, роден Израелец или странец, што ќе јаде животно што умрело само или било растргнато, нека ја испере својата облека, нека се искапе во вода и ќе биде нечист до вечерта; потоа ќе биде чист.

  16. 16

    Ако не ја испере облеката и не го искапе своето тело, ќе ја носи својата вина.“