3 Мојсеева — Левит
Глава 22
- 1
Господ му зборуваше на Мојсеј:
- 2
„Кажи им на Арон и на неговите синови внимателно да постапуваат со светите приноси што Израелевите синови Ми ги посветуваат, за да не го обесчестуваат Моето свето име. Јас сум Господ.
- 3
Кажи им: Ако некој од сите ваши потомци, во сите поколенија, се приближи нечист до светите приноси што Израелевите синови Му ги посветуваат на Господ, тој човек нека биде отстранет од Моето присуство. Јас сум Господ.
- 4
Ниеден Аронов потомок што има заразна кожна болест или исцедок не смее да јаде од светите приноси сѐ додека не стане чист. И оној што ќе допре нешто нечисто поради мртовец, или човек од кого истекло семе,
- 5
или оној што ќе допре некое нечисто животно што ползи или некој човек што е нечист поради каква било нечистотија,
- 6
ќе биде нечист до вечерта. Не смее да јаде од светите приноси додека не го искапе своето тело во вода.
- 7
По зајдисонце ќе биде чист, а потоа може да јаде од светите приноси, зашто тие се негова храна.
- 8
Не смее да јаде животно што умрело само или било растргнато од диво животно, за да не се оскверни со него. Јас сум Господ.
- 9
Свештениците нека ја пазат Мојата заповед, за да не навлечат грев врз себе и да не умрат затоа што ја обесчестиле. Јас сум Господ, Кој ги посветува.
- 10
Ниеден човек што не е од свештеничко семејство не смее да јаде од светиот принос. Ни гостин кај свештеникот ни наемник не смее да јаде од светиот принос.
- 11
Но ако свештеник купи роб со свои пари, тој роб смее да јаде од светиот принос; и робовите родени во неговиот дом смеат да јадат од неговата храна.
- 12
Ако ќерка на свештеник се омажи за човек што не е свештеник, таа не смее да јаде од светите приноси.
- 13
Но ако ќерката на свештеник стане вдовица или разведена, нема деца и се врати во домот на својот татко како во својата младост, смее да јаде од храната на својот татко. Но ниеден човек што не е од свештеничко семејство не смее да јаде од неа.
- 14
Ако некој ненамерно јаде од светиот принос, нека му ја надомести на свештеникот вредноста на светиот принос и нека додаде уште една петтина.
- 15
Свештениците нека не ги осквернуваат светите приноси што Израелевите синови Му ги принесуваат на Господ,
- 16
и нека не им навлекуваат вина и казна со тоа што би им дозволиле да јадат од нивните свети приноси, зашто Јас сум Господ, Кој ги посветува.“
- 17
Господ му зборуваше на Мојсеј:
- 18
„Кажи им на Арон, на неговите синови и на сите Израелеви синови: Ако некој од Израелевиот дом или од странците во Израел Му принесува на Господ жртва паленица, било за исполнување завет било како доброволен принос,
- 19
за да биде прифатен, нека принесе машко животно без недостаток од говедата, овците или козите.
- 20
Не принесувајте ништо што има недостаток, зашто нема да биде прифатено во ваша корист.
- 21
Ако некој Му принесува на Господ жртва за мир, за исполнување завет или како доброволен принос, од говедата или од стадото, животното нека биде без никаков недостаток, за да биде прифатено.
- 22
Не принесувајте Му на Господ слепо, повредено, осакатено животно, животно со израсток, краста или кожна болест, и не го ставајте на жртвеникот како жртва со оган на Господ.
- 23
Говедо или овца со предолг или прекраток дел од телото можеш да принесеш како доброволен принос, но нема да биде прифатено за исполнување завет.
- 24
Не принесувајте Му на Господ животно со згмечени, скршени, откинати или отсечени полови органи. Не го правете тоа во својата земја.
- 25
Не ги примајте таквите животни од странец и не ги принесувајте како храна на својот Бог. Бидејќи се оштетени и имаат недостаток, нема да бидат прифатени во ваша корист.“
- 26
Господ му зборуваше на Мојсеј:
- 27
„Кога ќе се роди теле, јагне или јаре, седум дена нека остане со својата мајка, а од осмиот ден натаму ќе биде прифатливо како жртва со оган на Господ.
- 28
Не колете говедо или овца заедно со нејзиното младенче во ист ден.
- 29
Кога Му принесувате на Господ благодарствена жртва, принесете ја така што ќе бидете прифатени.
- 30
Нека се изеде истиот ден; не оставајте ништо од неа до утрото. Јас сум Господ.
- 31
Пазете ги Моите заповеди и извршувајте ги. Јас сум Господ.
- 32
Не го обесчестувајте Моето свето име. Јас ќе бидам признат како свет меѓу Израелевите синови. Јас сум Господ, Кој ве посветува,
- 33
Кој ве изведе од Египетската земја за да бидам ваш Бог. Јас сум Господ.“