3 Мојсеева — Левит
Глава 9
На осмиот ден Мојсеј ги повика Арон, неговите синови и Израелевите старешини. (3 Мојсеева — Левит 9:1)
Му рече на Арон: „Земи младо теле како жртва за грев и овен како жртва паленица, двете без недостаток, и принеси ги пред Господ. (3 Мојсеева — Левит 9:2)
А на Израелевите синови кажи им: ‚Земете јарец како жртва за грев, едногодишно теле и едногодишно јагне, двете без недостаток, како жртва паленица, (3 Мојсеева — Левит 9:3)
и јунец и овен како жртва за мир, за да ги принесете пред Господ, како и житен принос замесен со масло, зашто денес Господ ќе ви се јави.‘“ (3 Мојсеева — Левит 9:4)
Тие го донесоа пред Шаторот на средбата она што Мојсеј го заповеда. Целата заедница се приближи и застана пред Господ. (3 Мојсеева — Левит 9:5)
Мојсеј рече: „Ова е она што Господ ви заповеда да го направите, и Господовата слава ќе ви се јави.“ (3 Мојсеева — Левит 9:6)
Потоа Мојсеј му рече на Арон: „Приближи се до жртвеникот и принеси ја својата жртва за грев и својата жртва паленица. Изврши помирување за себе и за народот. Потоа принеси го приносот на народот и изврши помирување за нив, како што заповеда Господ.“ (3 Мојсеева — Левит 9:7)
Арон се приближи до жртвеникот и го заколе телето за жртва за грев, што беше за него. (3 Мојсеева — Левит 9:8)
Ароновите синови му ја донесоа крвта. Тој го натопи својот прст во крвта, стави од неа врз роговите на жртвеникот, а преостанатата крв ја истури во подножјето на жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 9:9)
Маснотијата, бубрезите и обвивката на црниот дроб од жртвата за грев ги изгори на жртвеникот, како што Господ му заповеда на Мојсеј. (3 Мојсеева — Левит 9:10)
Месото и кожата ги изгори со оган надвор од логорот. (3 Мојсеева — Левит 9:11)
Потоа ја заколе жртвата паленица. Ароновите синови му ја донесоа крвта, а тој со неа го попрска жртвеникот од сите страни. (3 Мојсеева — Левит 9:12)
Му ја донесоа и жртвата паленица, дел по дел, заедно со главата, а тој ги изгори на жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 9:13)
Ги изми внатрешните органи и нозете и ги изгори на жртвеникот врз жртвата паленица. (3 Мојсеева — Левит 9:14)
Потоа го принесе приносот на народот. Го зеде јарецот за жртва за грев на народот, го заколе и го принесе како жртва за грев, како и претходниот. (3 Мојсеева — Левит 9:15)
Ја принесе и жртвата паленица според пропишаниот начин. (3 Мојсеева — Левит 9:16)
Го принесе и житниот принос, зеде полна рака од него и го изгори на жртвеникот, покрај утринската жртва паленица. (3 Мојсеева — Левит 9:17)
Потоа ги заколе јунецот и овенот како жртва за мир за народот. Ароновите синови му ја донесоа крвта, а тој со неа го попрска жртвеникот од сите страни. (3 Мојсеева — Левит 9:18)
Му ги донесоа и маснотиите од јунецот и од овенот: масната опашка, маснотијата што ги покрива внатрешните органи, бубрезите и обвивката на црниот дроб. (3 Мојсеева — Левит 9:19)
Ги ставија маснотиите врз градите, а тој ги изгори маснотиите на жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 9:20)
Градите и десното бедро Арон ги принесе со нишање пред Господ, како што Мојсеј заповеда. (3 Мојсеева — Левит 9:21)
Потоа Арон ги крена своите раце кон народот и го благослови. Откако ги принесе жртвата за грев, жртвата паленица и жртвите за мир, слезе од жртвеникот. (3 Мојсеева — Левит 9:22)
Мојсеј и Арон влегоа во Шаторот на средбата. Кога излегоа, го благословија народот, и Господовата слава му се јави на целиот народ. (3 Мојсеева — Левит 9:23)
Од Господовото присуство излезе оган и ги изгоре жртвата паленица и маснотиите на жртвеникот. Кога го виде тоа, целиот народ извика од радост и падна ничкум. (3 Мојсеева — Левит 9:24)