Прескокни кон главната содржина

Неемија

Глава 2

  1. 1

    Во месецот Нисан, во дваесеттата година на царот Артаксеркс, кога виното беше пред него, го зедов и му го подадов на царот. А порано никогаш не бев изгледал тажен пред него.

  2. 2

    Царот ми рече: „Зошто ти е тажно лицето, кога не си болен? Тоа не е ништо друго освен тага во срцето.“ Тогаш многу се исплашив.

  3. 3

    И му реков на царот: „Царот нека живее довека! Како да не ми биде тажно лицето, кога градот каде што се гробовите на моите татковци е опустошен, а неговите врати се изгорени со оган?“

  4. 4

    Царот ме праша: „Што бараш?“ Тогаш Му се помолив на небесниот Бог,

  5. 5

    па му реков на царот: „Ако му е угодно на царот и ако твојот слуга нашол милост пред тебе, испрати ме во Јуда, во градот на гробовите на моите татковци, за повторно да го изградам.“

  6. 6

    Царот ме праша, додека царицата седеше покрај него: „Колку ќе трае твоето патување и кога ќе се вратиш?“ На царот му беше угодно да ме испрати, па му одредив време.

  7. 7

    Потоа му реков на царот: „Ако му е угодно на царот, нека ми дадат писма за управителите од другата страна на реката, за да ме пропуштат додека не стигнам во Јуда,

  8. 8

    и писмо за Асаф, чуварот на царската шума, за да ми даде дрва за гредите на портите на тврдината покрај храмот, за градскиот ѕид и за куќата во која ќе живеам.“ Царот ми ги даде, бидејќи добрата рака на мојот Бог беше врз мене.

  9. 9

    Тогаш дојдов кај управителите од другата страна на реката и им ги дадов царските писма. А царот беше испратил со мене воени заповедници и коњаници.

  10. 10

    Кога Санавалат Оронецот и Товија, амонскиот слуга, го слушнаа тоа, многу им беше криво што дошол човек да се погрижи за доброто на Израелевите синови.

  11. 11

    Дојдов во Ерусалим и останав таму три дена.

  12. 12

    Потоа станав ноќе, јас и неколкумина со мене, и никому не му кажав што ми стави мојот Бог во срцето да направам за Ерусалим. Со мене немаше друго животно освен она на кое јавав.

  13. 13

    Ноќе излегов низ Долинската врата, кон Змејовиот извор и Ѓубришната врата, и ги разгледував ерусалимските ѕидови, кои беа урнати, и неговите врати, изгорени со оган.

  14. 14

    Потоа поминав кон Изворската врата и Царскиот базен, но немаше место да помине животното на кое јавав.

  15. 15

    Тогаш ноќе се искачив покрај потокот и го разгледував ѕидот; потоа се вратив и повторно влегов низ Долинската врата.

  16. 16

    А управителите не знаеја каде бев и што правев. Дотогаш не им бев кажал ништо ни на Јудејците, ни на свештениците, ни на благородниците, ни на управителите, ниту на другите што требаше да ја вршат работата.

  17. 17

    Потоа им реков: „Гледате во каква неволја сме: Ерусалим е опустошен, а неговите врати се изгорени со оган. Дојдете, да го изградиме ерусалимскиот ѕид, за да не бидеме повеќе за срам.“

  18. 18

    Им раскажав како добрата рака на мојот Бог беше врз мене, а и што ми кажа царот. Тие рекоа: „Да станеме и да градиме!“ И ги зајакнаа своите раце за доброто дело.

  19. 19

    Но кога го слушнаа тоа Санавалат Оронецот, Товија, амонскиот слуга, и Гешем Арапинот, ни се потсмеваа и нѐ презираа, велејќи: „Што е тоа што го правите? Зар се бунтувате против царот?“

  20. 20

    Јас им одговорив: „Небесниот Бог ќе ни даде успех. Затоа ние, Неговите слуги, ќе станеме и ќе градиме. Но вие немате ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.“