Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 11

  1. 1

    Народот почна да роптае за својата мака пред Господ. Кога Господ го чу тоа, се разгори Неговиот гнев, и Господов оган се распали меѓу нив и го зафати крајот на логорот.

  2. 2

    Тогаш народот извика кон Мојсеј, а Мојсеј Му се помоли на Господ, и огнот згасна.

  3. 3

    И тоа место беше наречено Тавера, зашто Господовиот оган се распали меѓу нив.

  4. 4

    Мешаниот народ што беше меѓу нив се препушти на ненаситна желба. И пак почнаа да плачат и Израелевите синови, велејќи: „Кој ќе ни даде месо да јадеме?

  5. 5

    Се сеќаваме на рибата што ја јадевме во Египет бесплатно, на краставиците, лубениците, празот, кромидот и лукот.

  6. 6

    А сега душата ни е исушена; нема ништо друго, само мана ни е пред очи.“

  7. 7

    А маната беше како семе од коријандер, и изгледот ѝ беше како бделијум.

  8. 8

    Народот одеше, ја собираше, ја мелеше на рачни мелници или ја толчеше во аван, ја вареше во тенџере или правеше од неа погачи. И вкусот ѝ беше како вкус на колач со масло.

  9. 9

    А кога ноќе паѓаше росата врз логорот, со неа паѓаше и маната.

  10. 10

    Мојсеј го чу народот како плаче по своите семејства, секој на влезот од својот шатор; и Господовиот гнев силно се разгори, а и на Мојсеј тоа му беше тешко.

  11. 11

    Тогаш Мојсеј Му рече на Господ: „Зошто му направи зло на Својот слуга? И зошто не најдов милост пред Тебе, па го стави врз мене товарот на целиот овој народ?

  12. 12

    Зарем јас го зачнав сиот овој народ? Зарем јас го родив, па ми велиш: ‚Носи го во своите пазуви, како што доилка носи доенче‘, во земјата за која им се заколна на нивните татковци?

  13. 13

    Од каде да земам месо за да му дадам на сиот овој народ? Зашто плачат пред мене и велат: ‚Дај ни месо да јадеме.‘

  14. 14

    Не можам сам да го носам сиот овој народ, зашто ми е претежок.

  15. 15

    Ако вака постапуваш со мене, тогаш те молам – ако сум нашол милост пред Тебе – убиј ме веднаш, за да не ја гледам својата беда.“

  16. 16

    Господ му рече на Мојсеј: „Собери Ми седумдесет мажи од старешините на Израел, за кои знаеш дека се старешини на народот и негови надзорници. Доведи ги во шаторот на средбата, и нека застанат таму со тебе.

  17. 17

    Тогаш Јас ќе слезам и ќе зборувам со тебе таму; и ќе земам од Духот што е врз тебе и ќе ставам врз нив, за да го носат со тебе товарот на народот, и да не го носиш ти сам.

  18. 18

    А на народот кажи: ‚Осветете се за утре, и ќе јадете месо, зашто плачевте пред Господ и велевте: Кој ќе ни даде месо да јадеме? Добро ни беше во Египет. Затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете.

  19. 19

    Не еден ден ќе јадете, не два дена, не пет дена, не десет дена, не дваесет дена,

  20. 20

    туку цел месец, додека не ви излезе на нос и не ви стане одвратно, затоа што Го презревте Господ, Кој е меѓу вас, и плачевте пред Него, велејќи: Зошто излеговме од Египет?‘“

  21. 21

    А Мојсеј рече: „Народот, меѓу кого сум јас, има шестотини илјади пешаци, а Ти велиш: ‚Ќе им дадам месо и ќе јадат цел месец!‘

  22. 22

    Зарем ќе им се заколат сите стада и говеда за да им биде доволно? Или ќе се собере сета морска риба за да им биде доволно?“

  23. 23

    Господ му рече на Мојсеј: „Зарем Господовата рака се скрати? Сега ќе видиш дали Мојот збор ќе ти се исполни или не.“

  24. 24

    Мојсеј излезе и му ги кажа на народот Господовите зборови. И собра седумдесет мажи од народните старешини и ги постави околу шаторот.

  25. 25

    Тогаш Господ слезе во облак и му зборуваше, и зеде од Духот што беше врз него и стави врз седумдесетте старешини. И кога Духот почиваше врз нив, тие пророкуваа, но не продолжија.

  26. 26

    А двајца мажи останаа во логорот; едниот се викаше Елдад, а другиот Мидад. И Духот почиваше врз нив. Тие беа меѓу запишаните, но не излегоа до шаторот, па пророкуваа во логорот.

  27. 27

    И едно момче дотрча и му јави на Мојсеј, велејќи: „Елдад и Мидад пророкуваат во логорот.“

  28. 28

    Тогаш Исус Навин, синот на Навин, слуга на Мојсеј од својата младост, одговори и рече: „Господару мој Мојсеј, забрани им!“

  29. 29

    Но Мојсеј му рече: „Зарем ти ревнуваш за мене? О, кога целиот Господов народ би бил пророчки народ, кога Господ би го ставил Својот Дух врз нив!“

  30. 30

    Потоа Мојсеј се врати во логорот, тој и Израелевите старешини.

  31. 31

    И излезе ветар од Господ и донесе препелици од морето и ги расфрла околу логорот, околу еден ден пат од една страна и околу еден ден пат од друга страна, околу логорот, и беа околу два лакти над земјата.

  32. 32

    И народот стана и целиот тој ден, и целата ноќ, и целиот следен ден, и собираше препелици; и оној што најмалку собра, собра десет хомери. И ги раширија за себе околу логорот.

  33. 33

    Но додека месото уште им беше меѓу забите, пред да го изџвакаат, Господовиот гнев се разгори против народот и Господ го удри народот со многу голем удар.

  34. 34

    И го нарекоа тоа место Киброт–Хатаава, зашто таму го погребаа народот што алчно посака.

  35. 35

    Од Киброт–Хатаава народот тргна кон Асирот и остана во Асирот.