Прескокни кон главната содржина

4 Мојсеева — Броеви

Глава 5

  1. 1

    Господ му рече на Мојсеј:

  2. 2

    „Заповедај им на Израелевите синови да ги испратат надвор од логорот секој лепрозен, секој што има истекување и секој што се осквернил од мртовец.

  3. 3

    И машко и женско испратете ги надвор од логорот, за да не ги осквернат своите логори, во чие средиште Јас престојувам.“

  4. 4

    И Израелевите синови направија така и ги испратија надвор од логорот; како што Господ му рече на Мојсеј, така направија Израелевите синови.

  5. 5

    Господ му рече на Мојсеј:

  6. 6

    „Кажи им на Израелевите синови: Кога маж или жена ќе направи некој од гревовите што луѓето ги прават, со тоа што ќе му згрешат на Господ, таа душа е виновна.

  7. 7

    Нека го исповеда својот грев што го направил; нека ја надомести својата вина во целост, нека додаде петтина врз тоа и нека му даде на оној против кого згрешил.

  8. 8

    Но ако човекот нема близок роднина на кого да му се даде надоместот за вината, тогаш надоместот за вината да му се даде на Господ за свештеникот, покрај овенот за помирување, со кој ќе се изврши помирување за него.

  9. 9

    И секој подигнат принос од сите свети дарови на Израелевите синови, што ќе му ги донесат на свештеникот, нека биде негов.

  10. 10

    И светите дарови на секој човек нека бидат негови; што некој ќе му даде на свештеникот, нека биде негово.“

  11. 11

    Господ му рече на Мојсеј:

  12. 12

    „Кажи им на Израелевите синови и речи им: Ако жената на некој човек застрани и му изневери,

  13. 13

    и некој маж легне со неа телесно, а тоа биде скриено од очите на нејзиниот маж и остане тајно, и таа се оскверни, а нема сведок против неа и не биде фатена,

  14. 14

    и дух на љубомора го обземе мажот, па стане љубоморен на својата жена, а таа се осквернила; или ако дух на љубомора го обземе, па стане љубоморен на својата жена, а таа не се осквернила,

  15. 15

    тогаш тој човек нека ја доведе својата жена кај свештеникот, и нека го донесе својот принос за неа: десетти дел од ефа јачменово брашно; да не истура масло врз него, ниту да става темјан на него, зашто тоа е житен принос на љубомора, принос за спомен, што потсетува на вина.

  16. 16

    И свештеникот нека ја доведе и нека ја постави пред Господ.

  17. 17

    И свештеникот нека земе света вода во земјен сад, и нека земе од правта што е на подот од живеалиштето и нека ја стави во водата.

  18. 18

    И свештеникот нека ја постави жената пред Господ, нека ѝ ја пушти косата на главата и нека го стави на нејзините дланки спомен-приносот, што е приносот на љубомора; а во раката на свештеникот нека биде горчливата вода што носи проклетство.

  19. 19

    И свештеникот нека ја заколне и нека ѝ каже на жената: ‚Ако никој не легнал со тебе, и ако не си застранила во нечистота додека си под својот маж, биди невина од оваа горчлива вода што носи проклетство.

  20. 20

    Но ако си застранила додека си под својот маж, ако си се осквернила и ако некој друг маж, освен твојот маж, легнал со тебе‘,

  21. 21

    Тогаш свештеникот нека ја заколне жената со заклетва на проклетство, и свештеникот нека ѝ каже на жената: ‚Нека те направи Господ проклетство и заклетва меѓу твојот народ, кога Господ ќе направи твојот бут да се исуши и твојот стомак да отече.

  22. 22

    и оваа вода што носи проклетство нека влезе во твојата утроба, за да ти го отече стомакот и да ти го исуши бедрото.‘ И жената нека рече: ‚Амин, амин.‘

  23. 23

    Тогаш свештеникот нека ги напише тие клетви на свиток и нека ги измие во горчливата вода.

  24. 24

    И нека ѝ даде на жената да ја испие горчливата вода што носи проклетство, и водата што носи проклетство ќе влезе во неа и ќе стане горчлива.

  25. 25

    И свештеникот нека го земе од раката на жената приносот на љубомора, нека го заниша приносот пред Господ и нека го принесе до жртвеникот.

  26. 26

    И свештеникот нека земе полна рака од приносот, како негов спомен–дел, и нека го изгори на жртвеникот, а потоа нека ѝ даде на жената да ја испие водата.

  27. 27

    Кога ќе ѝ ја даде да ја испие водата, ако се осквернила и му изневерила на својот маж, тогаш водата што носи проклетство ќе влезе во неа и ќе стане горчлива; и стомакот ќе ѝ отече, и бутот ќе ѝ се исуши, и таа жена ќе стане проклетство меѓу својот народ.

  28. 28

    Но ако жената не се осквернила, туку е чиста, тогаш ќе остане невина и ќе може да има потомство.

  29. 29

    Тоа е законот за љубомора, кога жена ќе застрани под својот маж и ќе се оскверни,

  30. 30

    или кога дух на љубомора ќе дојде врз мажот, па стане љубоморен на својата жена; тогаш нека ја постави жената пред Господ, и свештеникот нека го изврши над неа целиот овој закон.

  31. 31

    И мажот ќе биде без вина, а жената ќе ја носи својата вина.“