Прескокни кон главната содржина

Изреки

Глава 19

  1. 1

    Подобар е сиромавиот што живее чесно отколку човек со изопачени усни кој постапува глупаво.

  2. 2

    Не е добро човек да биде без знаење; кој брза без да размисли, греши.

  3. 3

    Човечката глупост му го искривува патот, а потоа неговото срце се гневи на Господ.

  4. 4

    Богатството привлекува многу пријатели, а сиромавиот останува и без оној што му бил близок.

  5. 5

    Лажниот сведок нема да остане неказнет, а оној што постојано зборува лаги нема да се избави.

  6. 6

    Многумина ја бараат наклонетоста на великодушниот, и секој сака да му биде пријател на оној што дава дарови.

  7. 7

    Ако и браќата на сиромавиот го избегнуваат, колку повеќе ќе се оддалечат неговите пријатели! Тој ги повикува, но нив веќе ги нема.

  8. 8

    Кој стекнува мудрост си го сака својот живот; кој го чува разбирањето ќе најде добро.

  9. 9

    Лажниот сведок нема да остане неказнет, а оној што изговара лаги ќе пропадне.

  10. 10

    Раскошот не му прилега на безумниот, а уште помалку слуга да владее над владетели.

  11. 11

    Мудроста го прави човекот бавен на гнев, а негова чест е да премине преку навредата.

  12. 12

    Гневот на царот е како рикање на млад лав, а неговата наклонетост е како роса врз тревата.

  13. 13

    Безумниот син е несреќа за својот татко, а кавгите на жената се како постојано капење вода.

  14. 14

    Куќата и богатството се наследуваат од татковците, а мудра жена е дар од Господ.

  15. 15

    Мрзливоста го фрла човекот во длабок сон, а неработливиот ќе остане гладен.

  16. 16

    Кој ја чува заповедта, го чува својот живот; кој не внимава како живее ќе загине.

  17. 17

    Кој му покажува милост на сиромавиот Му позајмува на Господ, а Тој ќе му возврати за доброто што го направил.

  18. 18

    Воспитувај го својот син додека има надеж, но немој со суровост да го водиш кон пропаст.

  19. 19

    Човек што лесно избувнува ќе ги носи последиците; ако постојано го избавуваш, ќе мораш повторно да го правиш истото.

  20. 20

    Слушај совет и прифаќај поука, за на крајот да станеш мудар.

  21. 21

    Многу намери има во човечкото срце, но Господовиот совет ќе остане.

  22. 22

    Она што човекот го прави вреден е неговата милост; подобар е сиромав човек отколку лажливец.

  23. 23

    Стравот од Господ води кон живот; кој го има, ќе почива задоволен и злото нема да го совлада.

  24. 24

    Мрзливецот ја става раката во чинијата, но не сака ни до устата да ја крене.

  25. 25

    Казни го потсмевачот и лековерниот ќе стане повнимателен; укори го разумниот и тој ќе стекне уште повеќе знаење.

  26. 26

    Синот што го ограбува својот татко и ја протерува својата мајка носи срам и бесчестие.

  27. 27

    Сине мој, престани да слушаш поука што те оддалечува од зборовите на знаењето.

  28. 28

    Расипаниот сведок ѝ се потсмева на правдата, а устата на безбожните лакомо го голта злото.

  29. 29

    За потсмевачите се подготвени казни, а удари за грбот на безумните.