Псалми
Глава 46
- 1
Бог е нашето засолниште и нашата сила, сигурна и секогаш присутна помош во неволја.
- 2
Затоа нема да се плашиме, дури и ако земјата се разниша и планините се урнат во средината на морињата,
- 3
дури и ако морските води бучат и се пенат, а планините се тресат од нивната сила.
- 4
Низ Божјиот град тече река чии води го веселат, низ светото живеалиште на Севишниот.
- 5
Бог е среде него, затоа нема да се разниша; Бог ќе му помогне уште со првото утринско светло.
- 6
Народите се разбрануваа, царствата се разнишаа; Тој го пушти Својот глас, и земјата се растопи.
- 7
Господ над војските е со нас; Јакововиот Бог е нашето сигурно засолниште.
- 8
Дојдете и погледнете ги Господовите дела, видете какви опустошувања направи на земјата.
- 9
Тој ги запира војните до краиштата на земјата; го крши лакот, го прекршува копјето и ги гори бојните коли во оган.
- 10
„Смирете се и знајте дека Јас сум Бог; ќе бидам возвишен меѓу народите и возвишен по целата земја.“
- 11
Господ над војските е со нас; Јакововиот Бог е нашето сигурно засолниште.