Прескокни кон главната содржина

Псалми

Глава 64

  1. 1

    Чуј го мојот глас, Боже, кога Ти ја кажувам својата мака; сочувај го мојот живот од стравот пред непријателот.

  2. 2

    Скриј ме од тајните заговори на злосторниците, од бучната толпа на оние што вршат неправда.

  3. 3

    Тие го острат својот јазик како меч и ги вперуваат своите горчливи зборови како стрели,

  4. 4

    за од скришно место да стрелаат кон невиниот; ненадејно стрелаат кон него и од ништо не се плашат.

  5. 5

    Се охрабруваат еден со друг во злото и се договараат како тајно да постават стапици; си велат: „Кој ќе нѐ види?“

  6. 6

    Смислуваат неправди и велат: „Совршено го осмисливме планот!“ Длабоки се човечките мисли и срцето.

  7. 7

    Но Бог ненадејно ќе стрела кон нив; Неговата стрела ќе ги погоди.

  8. 8

    Нивниот сопствен јазик ќе ги доведе до пропаст; сите што ќе ги видат ќе одмавнуваат со главата.

  9. 9

    Тогаш сите луѓе ќе се исполнат со стравопочит, ќе го објавуваат Божјото дело и ќе размислуваат за она што Тој го направи.

  10. 10

    Праведниот ќе се радува во Господ и кај Него ќе најде засолниште; ќе се радуваат сите што се со чисто срце.