Откровение
Глава 21
- 1
Потоа видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа, а морето веќе го немаше.
- 2
Го видов и светиот град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот младоженец.
- 3
И слушнав силен глас од престолот како вели: „Ете, Божјото живеалиште е меѓу луѓето! Тој ќе живее со нив, тие ќе бидат Негови народи, а Самиот Бог ќе биде со нив.
- 4
Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи. Смрт повеќе нема да има, ниту жалост, ниту плач, ниту болка, зашто поранешното помина.“
- 5
Тогаш Оној Кој седеше на престолот рече: „Ете, правам сѐ ново!“ И рече: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити.“
- 6
Потоа ми рече: „Се исполни! Јас сум Алфа и Омега, Почетокот и Крајот. На оној што е жеден бесплатно ќе му дадам од изворот на водата на животот.
- 7
Оној што победува ќе го наследи сето ова. Јас ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син.
- 8
Но плашливите, неверните, гнасните, убијците, блудниците, маѓепсниците, идолопоклониците и сите лажливци ќе го имаат својот дел во езерото што гори со оган и сулфур. Тоа е втората смрт.“
- 9
Тогаш дојде еден од седумте ангели што ги имаа седумте чаши исполнети со седумте последни неволји и ми рече: „Дојди, ќе ти ја покажам невестата, жената на Агнецот.“
- 10
Во Духот ме однесе на голема и висока гора и ми го покажа светиот град Ерусалим како слегува од небото од Бог.
- 11
Градот ја имаше Божјата слава, а неговиот сјај беше како најскапоцен камен, како јаспис, блескав како кристал.
- 12
Имаше голем и висок ѕид со дванаесет порти, а кај портите стоеја дванаесет ангели. На портите беа напишани имињата на дванаесетте племиња на синовите Израелеви.
- 13
Од исток имаше три порти, од север три, од југ три и од запад три.
- 14
Ѕидот на градот имаше дванаесет темели, а на нив беа дванаесетте имиња на дванаесетте апостоли на Агнецот.
- 15
Оној што зборуваше со мене имаше златна мерна трска за да ги измери градот, неговите порти и неговиот ѕид.
- 16
Градот беше поставен во квадрат; должината му беше колку и ширината. Го измери градот со трската: дванаесет илјади стадии. Должината, ширината и висината му беа еднакви.
- 17
Го измери и неговиот ѕид: сто четириесет и четири лакти, според човечка мерка, која ја употребуваше и ангелот.
- 18
Ѕидот беше изграден од јаспис, а градот беше од чисто злато, слично на чисто стакло.
- 19
Темелите на градскиот ѕид беа украсени со секаков скапоцен камен: првиот темел беше јаспис, вториот сафир, третиот халкидон, четвртиот смарагд,
- 20
петтиот сардоникс, шестиот сард, седмиот хризолит, осмиот берил, деветтиот топаз, десеттиот хризопрас, единаесеттиот хијацинт, дванаесеттиот аметист.
- 21
Дванаесетте порти беа дванаесет бисери; секоја порта беше направена од еден бисер. А градската улица беше од чисто злато, како проѕирно стакло.
- 22
Храм не видов во градот, зашто Господ Бог Семоќниот и Агнецот се неговиот храм.
- 23
На градот не му се потребни ни сонцето ни месечината за да му светат, зашто Божјата слава го осветлува, а Агнецот е неговата светилка.
- 24
Народите ќе одат во неговата светлина, а земните цареви ќе ја внесуваат својата слава во него.
- 25
Неговите порти нема да се затвораат преку ден, а ноќ таму нема да има.
- 26
Во него ќе ги внесуваат славата и честа на народите.
- 27
Во него нема да влезе ништо нечисто, ниту оној што прави гнасотија и лага, туку само оние чии имиња се запишани во книгата на животот на Агнецот.