1 Летописи
Глава 10
- 1
Филистејците војуваа против Израел. Израелците избегаа пред Филистејците и паѓаа убиени на гората Гелвуј.
- 2
Филистејците ги стигнаа Саул и неговите синови и ги убија Сауловите синови Јонатан, Авинадав и Малки-Суа.
- 3
Бојот стана многу жесток околу Саул. Стрелците го погодија, и тој беше тешко ранет.
- 4
Тогаш Саул му рече на својот оруженосец: „Извади го својот меч и прободи ме, за да не дојдат тие необрежани и да ми се потсмеваат.“ Но неговиот оруженосец не сакаше, зашто многу се исплаши. Затоа Саул го зеде својот меч и се фрли врз него.
- 5
Кога оруженосецот виде дека Саул умре, и тој се фрли врз својот меч и умре.
- 6
Така загинаа Саул, неговите три сина и целиот негов дом.
- 7
Кога сите Израелци што беа во долината видоа дека војската побегна и дека Саул и неговите синови загинаа, ги оставија своите градови и се разбегаа. Тогаш Филистејците дојдоа и се населија во нив.
- 8
Следниот ден, кога Филистејците дојдоа да ги ограбат убиените, ги најдоа Саул и неговите синови мртви на гората Гелвуј.
- 9
Го соблекоа, му ја отсекоа главата, му го зедоа оружјето и испратија гласници низ целата филистејска земја да им ја објават веста на своите идоли и на народот.
- 10
Неговото оружје го ставија во храмот на своите богови, а неговата глава ја закачија во храмот на Дагон.
- 11
Кога сите жители на Јавис во Галад слушнаа што му направија Филистејците на Саул,
- 12
сите храбри луѓе станаа, ги зедоа телото на Саул и телата на неговите синови, ги донесоа во Јавис и ги погребаа нивните коски под дабот во Јавис. Потоа постеа седум дена.
- 13
Така умре Саул поради својата неверност кон Господ: не го пазеше Господовиот збор, а побара совет и од жена што повикува духови.
- 14
Тој не Го праша Господ, па Господ го погуби и му го предаде царството на Давид, Есеевиот син.