1 Летописи
Глава 13
- 1
Давид се посоветува со илјадниците, стотниците и со сите водачи.
- 2
Потоа му рече на целото Израелево собрание: „Кога ви е угодно и кога тоа е од Господ, нашиот Бог, да испратиме гласници до нашите браќа што останаа низ целата Израелева земја, како и до свештениците и левитите во нивните градови и пасишта, за да се соберат кај нас.
- 3
Да го донесеме кај нас ковчегот на нашиот Бог, зашто не се грижевме за него во деновите на Саул.“
- 4
Целото собрание се согласи да го направи тоа, зашто предлогот беше добар во очите на целиот народ.
- 5
Така Давид го собра целиот Израел, од египетскиот Сихор до влезот во Емат, за да го донесат Божјиот ковчег од Киријат-Јарим.
- 6
Давид и целиот Израел отидоа во Ваала, односно Киријат-Јарим во Јуда, за да го пренесат оттаму ковчегот на Господ Бог, Кој престојува над херувимите и Чие име се повикува над него.
- 7
Го поставија Божјиот ковчег на нова кола и го изнесоа од куќата на Авинадав, а Оза и Ахио ја водеа колата.
- 8
Давид и целиот Израел се радуваа пред Бог со сета сила, пеејќи и свирејќи на харфи, лири, тапани, кимвали и труби.
- 9
Кога дојдоа до Хидоновото гумно, Оза ја испружи својата рака за да го придржи ковчегот, зашто воловите го занишаа.
- 10
Тогаш Господовиот гнев пламна против Оза и Тој го порази затоа што ја испружи раката кон ковчегот. Оза умре таму пред Бог.
- 11
Давид се нажали затоа што Господ го порази Оза. Затоа тоа место го нарече Фарес-Оза, односно Поразот на Оза, како што се нарекува до денес.
- 12
Тој ден Давид се уплаши од Бог и рече: „Како ќе го донесам Божјиот ковчег кај себе?“
- 13
Затоа Давид не го пренесе ковчегот кај себе во Давидовиот град, туку го однесе во куќата на Гетеецот Овид-Едом.
- 14
Божјиот ковчег остана кај семејството на Овид-Едом три месеци. Господ го благослови домот на Овид-Едом и сѐ што имаше.