Прескокни кон главната содржина

1 Летописи

Глава 14

  1. 1

    Хирам, царот на Тир, испрати гласници кај Давид, како и кедрово дрво, ѕидари и дрводелци, за да му изградат дворец.

  2. 2

    Тогаш Давид разбра дека Господ го утврдил за цар над Израел и дека неговото царство било многу возвишено заради Божјиот народ Израел.

  3. 3

    Давид зеде уште жени во Ерусалим, и му се родија уште синови и ќерки.

  4. 4

    Ова се имињата на децата што му се родија во Ерусалим: Самуа, Совав, Натан, Соломон,

  5. 5

    Јевар, Елисуа и Елифалет,

  6. 6

    Нога, Нефег и Јафија,

  7. 7

    Елисама, Велијада и Елифалет.

  8. 8

    Кога Филистејците слушнаа дека Давид бил помазан за цар над целиот Израел, сите тргнаа да го бараат. Давид слушна за тоа и излезе против нив.

  9. 9

    Филистејците дојдоа и ја ограбуваа долината Рафаим.

  10. 10

    Тогаш Давид Го праша Бог: „Да тргнам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во мојата рака?“ Господ му одговори: „Тргни, зашто ќе ги предадам во твојата рака.“

  11. 11

    Така тие отидоа во Ваал-Ферасим, и Давид таму ги порази. Давид рече: „Бог ги проби моите непријатели преку мојата рака, како што водата пробива брана.“ Затоа тоа место беше наречено Ваал-Ферасим, односно Место на пробивите.

  12. 12

    Филистејците ги оставија таму своите богови, а Давид заповеда да ги изгорат во оган.

  13. 13

    Филистејците повторно ја ограбуваа долината.

  14. 14

    Давид повторно Го праша Бог, а Бог му рече: „Не оди право против нив. Заобиколи ги и нападни ги спроти црниците.

  15. 15

    Кога ќе чуеш шум како чекорење по врвовите на црниците, тогаш тргни во битка, зашто Бог излегол пред тебе за да ја порази филистејската војска.“

  16. 16

    Давид направи како што му заповеда Бог и ги поразуваа Филистејците од Гаваон сѐ до Гезер.

  17. 17

    Давидовото име се прочу по сите земји, а Господ пушти страв од него врз сите народи.