1 Летописи
Глава 16
- 1
Го внесоа Божјиот ковчег и го поставија во шаторот што Давид го беше поставил за него. Потоа принесоа пред Бог жртви паленици и жртви за мир.
- 2
Кога Давид заврши со принесувањето на жртвите паленици и жртвите за мир, го благослови народот во името на Господ.
- 3
На секој Израелец, и на мажите и на жените, им даде по еден леб, парче месо и колач со суво грозје.
- 4
Потоа постави некои од левитите да служат пред Господовиот ковчег, да Го спомнуваат, да Му благодарат и да Го слават Господ, Израелевиот Бог.
- 5
Асаф беше водач, а по него Захарија; потоа Јеиил, Семирамот, Јехиил, Мататија, Елијав, Ванеја, Овид-Едом и Јеиил, кои свиреа на лири и харфи, додека Асаф свиреше на кимвали.
- 6
Свештениците Ванеја и Јазиил постојано трубеа со труби пред ковчегот на Божјиот завет.
- 7
Тој ден Давид првпат им ја предаде на Асаф и на неговите браќа оваа песна за благодарност кон Господ:
- 8
„Благодарете Му на Господ и повикувајте го Неговото име; објавувајте ги Неговите дела меѓу народите.
- 9
Пејте Му, пејте Му псалми; раскажувајте за сите Негови чудесни дела.
- 10
Фалете се со Неговото свето име; нека се радува срцето на оние што Го бараат Господ.
- 11
Барајте Го Господ и Неговата сила; секогаш барајте го Неговото лице.
- 12
Спомнувајте ги чудесните дела што ги направи, Неговите знаци и пресудите од Неговата уста,
- 13
вие, потомци на Израел, Неговиот слуга, вие, синови Јаковови, Негови избраници.
- 14
Тој е Господ, нашиот Бог; Неговите пресуди се по целата земја.
- 15
Секогаш спомнувајте го Неговиот завет, зборот што го заповеда за илјада поколенија,
- 16
заветот што го склучи со Авраам и заклетвата што му ја даде на Исак.
- 17
Тој го утврди како наредба за Јаков и како вечен завет за Израел,
- 18
велејќи: ‚Тебе ќе ти ја дадам Хананската земја како дел од вашето наследство.‘
- 19
Тогаш бевте малку на број, само неколкумина и доселеници во неа.
- 20
Тие одеа од народ до народ и од едно царство кон друг народ.
- 21
Тој не дозволи никој да ги угнетува и заради нив укоруваше цареви:
- 22
‚Не допирајте ги Моите помазаници и не правете им зло на Моите пророци.‘
- 23
Пеј Му на Господ, цела земјо; од ден на ден објавувајте го Неговото спасение.
- 24
Раскажувајте ја Неговата слава меѓу народите и Неговите чудесни дела меѓу сите племиња.
- 25
Зашто Господ е велик и достоен за голема пофалба; Тој е пострашен од сите богови.
- 26
Сите богови на народите се идоли, а Господ ги создаде небесата.
- 27
Слава и величие се пред Него; сила и радост се во Неговото живеалиште.
- 28
Оддајте Му на Господ, племиња на народите, оддајте Му на Господ слава и сила.
- 29
Оддајте Му ја на Господ славата што Му припаѓа на Неговото име; принесете дар и дојдете пред Него. Поклонете Му се на Господ во светоста на Неговата убавина.
- 30
Нека трепери пред Него целата земја! Светот е цврсто утврден и нема да се помести.
- 31
Нека се радуваат небесата и нека ликува земјата; нека се зборува меѓу народите: ‚Господ царува!‘
- 32
Нека бучи морето и сѐ што е во него; нека се радува полето и сѐ што е на него.
- 33
Тогаш шумските дрвја ќе пеат од радост пред Господ, зашто доаѓа да ѝ суди на земјата.
- 34
Благодарете Му на Господ, зашто е добар; Неговата милост трае засекогаш.
- 35
Кажете: ‚Спаси нѐ, Боже на нашето спасение! Собери нѐ и избави нѐ од народите, за да Му благодариме на Твоето свето име и да се фалиме со Твојата слава.‘
- 36
Благословен нека биде Господ, Израелевиот Бог, од вечност до вечност!“ Тогаш целиот народ рече: „Амин!“ и Го пофали Господ.
- 37
Давид ги остави таму, пред ковчегот на Господовиот завет, Асаф и неговите браќа, за постојано да служат пред ковчегот, според потребата на секој ден.
- 38
Ги остави и Овид-Едом и неговите шеесет и осум браќа. Овид-Едом, синот на Једутун, и Оса беа вратари.
- 39
Свештеникот Садок и неговите браќа свештеници ги постави пред Господовото живеалиште на високото место во Гаваон,
- 40
за постојано, наутро и навечер, да Му принесуваат на Господ жртви паленици врз жртвеникот за жртви паленици, според сѐ што е напишано во Законот што Господ му го даде на Израел.
- 41
Со нив беа Еман, Једутун и другите избрани и по име определени да Му благодарат на Господ, зашто Неговата милост трае засекогаш.
- 42
Еман и Једутун имаа труби, кимвали и други инструменти за Божјите песни. Синовите на Једутун беа вратари.
- 43
Потоа целиот народ си замина, секој во својот дом, а Давид се врати да го благослови својот дом.