Прескокни кон главната содржина

1 Летописи

Глава 17

  1. 1

    Кога Давид се насели во својот дворец, му рече на пророкот Натан: „Ете, јас живеам во кедров дворец, а ковчегот на Господовиот завет е под шаторски завеси.“

  2. 2

    Натан му рече на Давид: „Направи сѐ што ти е во срцето, зашто Бог е со тебе.“

  3. 3

    Но истата ноќ Божјиот збор му дојде на Натан:

  4. 4

    „Оди и кажи му на Мојот слуга Давид: ‚Вака вели Господ: Ти нема да Ми изградиш дом во кој ќе престојувам.

  5. 5

    Од денот кога го изведов Израел од Египет до денес не престојував во дом, туку одев од шатор во шатор и од живеалиште во живеалиште.

  6. 6

    Каде и да одев со целиот Израел, зар некогаш му реков на некој од Израелевите судии, на кои им заповедав да го пасат Мојот народ: Зошто не Ми изградивте дом од кедар?‘

  7. 7

    Затоа сега кажи му на Мојот слуга Давид: ‚Вака вели Господ над војските: Јас те зедов од пасиштето, од зад стадото, за да бидеш водач над Мојот народ Израел.

  8. 8

    Бев со тебе каде и да одеше и ги истребив сите твои непријатели пред тебе. Ќе ти направам име како името на големите луѓе на земјата.

  9. 9

    Ќе определам место за Мојот народ Израел и ќе го засадам таму, за да живее на своето место и повеќе да не биде вознемируван. Злите луѓе нема веќе да го угнетуваат како порано,

  10. 10

    од времето кога поставив судии над Мојот народ Израел. Ќе ги покорам сите твои непријатели. Освен тоа, ти објавувам дека Господ ќе ти изгради дом.

  11. 11

    Кога ќе се исполнат твоите денови и ќе отидеш кај своите татковци, ќе го подигнам по тебе твојот потомок, еден од твоите синови, и ќе го утврдам неговото царство.

  12. 12

    Тој ќе Ми изгради дом, а Јас ќе го утврдам неговиот престол засекогаш.

  13. 13

    Јас ќе му бидам Татко, а тој ќе Ми биде син. Нема да ја отстранам Својата милост од него, како што ја отстранив од оној што беше пред тебе.

  14. 14

    Ќе го поставам засекогаш во Мојот дом и во Моето царство, и неговиот престол ќе биде утврден засекогаш.‘“

  15. 15

    Натан му ги кажа на Давид сите овие зборови и целото видение.

  16. 16

    Тогаш царот Давид влезе, седна пред Господ и рече: „Кој сум јас, Господи Боже, и што е мојот дом, та ме доведе дотука?

  17. 17

    Но и тоа беше малку во Твоите очи, Боже, па зборуваше и за далечната иднина на домот на Твојот слуга. Ти погледна на мене како на човек од висок ранг, Господи Боже.

  18. 18

    Што повеќе може Давид да Ти каже за честа што му ја даде на Твојот слуга? Ти го познаваш Својот слуга.

  19. 19

    Господи, заради Твојот слуга и според Своето срце го направи сето ова големо дело, за да ги објавиш сите овие големи ветувања.

  20. 20

    Господи, нема никој како Тебе и нема друг Бог освен Тебе, според сѐ што сме слушнале со своите уши.

  21. 21

    Кој друг народ на земјата е како Твојот народ Израел, кого Бог отиде да го откупи за Свој народ и да Си придобие име со големи и страшни дела, истерувајќи народи пред Својот народ, кого го откупи од Египет?

  22. 22

    Ти го направи Својот народ Израел да биде Твој народ засекогаш, а Ти, Господи, стана нивен Бог.

  23. 23

    И сега, Господи, нека се утврди засекогаш зборот што го кажа за Твојот слуга и за неговиот дом, и направи како што вети.

  24. 24

    Нека се утврди, за Твоето име да биде возвеличувано засекогаш и да се вели: ‚Господ над војските, Израелевиот Бог, е Бог над Израел.‘ И домот на Твојот слуга Давид нека биде утврден пред Тебе.

  25. 25

    Зашто Ти, мој Боже, му откри на Својот слуга дека ќе му изградиш дом. Затоа Твојот слуга се осмели да се помоли пред Тебе.

  26. 26

    И сега, Господи, Ти си Бог и му ги вети овие добри нешта на Твојот слуга.

  27. 27

    Затоа благоволи да го благословиш домот на Твојот слуга, за да остане засекогаш пред Тебе. Зашто Ти, Господи, го благослови, и тој ќе биде благословен засекогаш.“