1 Летописи
Глава 18
- 1
Потоа Давид ги порази Филистејците и ги покори. Тој ги зеде Гет и неговите околни села од филистејската власт.
- 2
Ги порази и Моавците, и тие станаа Давидови слуги и му плаќаа данок.
- 3
Давид го порази и Ададезер, царот на Сова, кај Емат, кога овој одеше да ја утврди својата власт над реката Еуфрат.
- 4
Давид му зароби илјада бојни коли, седум илјади коњаници и дваесет илјади пешаци. Им ги пресече жилите на сите коњи за колите, а остави доволно за сто коли.
- 5
Кога Сириците од Дамаск дојдоа да му помогнат на Ададезер, царот на Сова, Давид уби дваесет и две илјади Сиријци.
- 6
Потоа Давид постави воени стражи во Дамаска Сирија, а Сириците станаа негови слуги и му плаќаа данок. Господ му даваше победа на Давид каде и да одеше.
- 7
Давид ги зеде златните штитови што ги носеа слугите на Ададезер и ги донесе во Ерусалим.
- 8
Од Тиват и Хун, градовите на Ададезер, Давид зеде многу бронза, од која Соломон подоцна ги направи бронзеното море, столбовите и бронзените садови.
- 9
Кога Тој, царот на Емат, слушна дека Давид ја поразил целата војска на Ададезер, царот на Сова,
- 10
го испрати својот син Адорам кај царот Давид, да го поздрави и да му честита затоа што војувал против Ададезер и го поразил, зашто Ададезер често војуваше против Тој. Адорам донесе секакви предмети од злато, сребро и бронза.
- 11
И нив царот Давид Му ги посвети на Господ, заедно со среброто и златото што ги зеде од сите народи: од Едом, Моав, Амонците, Филистејците и Амаличаните.
- 12
Ависај, синот на Саруја, уби осумнаесет илјади Едомци во Солената Долина.
- 13
Тој постави воени стражи во Едом, и сите Едомци станаа Давидови слуги. Господ му даваше победа на Давид каде и да одеше.
- 14
Така Давид царуваше над целиот Израел и им судеше на сите свои луѓе праведно и чесно.
- 15
Јоав, синот на Саруја, беше заповедник на војската; Јосафат, синот на Ахилуд, беше летописец;
- 16
Садок, синот на Ахитов, и Авимелех, синот на Авијатар, беа свештеници; Суса беше писар;
- 17
Ванеја, синот на Јодај, беше над Херетејците и Фелетејците, а Давидовите синови беа први покрај царот.