Прескокни кон главната содржина

1 Летописи

Глава 29

  1. 1

    Царот Давид му рече на целото собрание: „Мојот син Соломон, кого единствено Бог го избра, е млад и неискусен, а работата е голема, зашто овој дворец не е за човек, туку за Господ Бог.

  2. 2

    Со сета своја сила подготвив за домот на мојот Бог: злато за златните предмети, сребро за сребрените, бронза за бронзените, железо за железните и дрва за дрвените предмети; ониксови камења, камења за вградување, украсни и разновидни камења, секакви скапоцени камења и големо количество мермер.

  3. 3

    Освен сето она што го подготвив за светиот дом, поради љубовта што ја имам кон домот на мојот Бог, давам и од своето лично богатство злато и сребро за домот на мојот Бог:

  4. 4

    три илјади таланти злато, офирско злато, и седум илјади таланти пречистено сребро, за обложување на ѕидовите на градбите;

  5. 5

    златото за златните предмети и среброто за сребрените, и за секоја работа што ќе ја изработат мајсторите. Кој е подготвен денес доброволно да Му се посвети на Господ?“

  6. 6

    Тогаш водачите на татковските домови, водачите на Израелевите племиња, илјадниците и стотниците и надзорниците над царските работи дадоа доброволни прилози.

  7. 7

    За работата на Божјиот дом дадоа пет илјади таланти и десет илјади златници, десет илјади таланти сребро, осумнаесет илјади таланти бронза и сто илјади таланти железо.

  8. 8

    Секој што имаше скапоцени камења ги даде во богатството на Господовиот дом, под надзор на Гирсонецот Јехиил.

  9. 9

    Народот се радуваше поради нивните доброволни дарови, зашто со цело срце Му принесуваа доброволно на Господ. И царот Давид многу се радуваше.

  10. 10

    Тогаш Давид Го благослови Господ пред целото собрание и рече: „Благословен си Ти, Господи, Боже на нашиот татко Израел, од вечност до вечност.

  11. 11

    Твои се, Господи, величието, силата, славата, сјајот и величественоста, зашто сѐ што е на небото и на земјата е Твое. Твое е царството, Господи, и Ти си возвишен како Глава над сѐ.

  12. 12

    Богатството и славата доаѓаат од Тебе, и Ти владееш над сѐ. Во Твојата рака се силата и моќта, и во Твојата рака е да возвеличуваш и да зацврстуваш сѐ.

  13. 13

    Затоа сега, Боже наш, Ти благодариме и го славиме Твоето славно име.

  14. 14

    Но кој сум јас и кој е мојот народ, та да можеме доброволно да принесеме вакви дарови? Сѐ доаѓа од Тебе, и од она што е Твое Ти даваме.

  15. 15

    Пред Тебе сме странци и доселеници, како и сите наши татковци. Нашите денови на земјата се како сенка и нема трајност.

  16. 16

    Господи, Боже наш, целото ова изобилство што го подготвивме за да Ти изградиме дом за Твоето свето име доаѓа од Твојата рака и сѐ е Твое.

  17. 17

    Знам, Боже мој, дека Ти го испитуваш срцето и дека се радуваш на чесноста. Јас со чесно срце доброволно го принесов сето ова, а сега со радост видов како и Твојот народ, кој е присутен тука, доброволно Ти принесува.

  18. 18

    Господи, Боже на нашите татковци Авраам, Исак и Израел, зачувај ја засекогаш оваа желба и овие мисли во срцето на Твојот народ и насочи го нивното срце кон Тебе.

  19. 19

    На мојот син Соломон дај му целосно предадено срце за да ги пази Твоите заповеди, сведоштва и одредби, да го изврши сето тоа и да го изгради храмот за кој направив подготовки.“

  20. 20

    Потоа Давид му рече на целото собрание: „Благословете Го Господ, вашиот Бог!“ Целото собрание Го благослови Господ, Бог на своите татковци. Паднаа ничкум и Му се поклонија на Господ, а му оддадоа почит и на царот.

  21. 21

    Следниот ден Му принесоа жртви на Господ. Како жртви паленици Му принесоа илјада јунци, илјада овни и илјада јагниња, со нивните налевни приноси, и многу други жртви за целиот Израел.

  22. 22

    Тој ден јадеа и пиеја пред Господ со голема радост. Потоа по вторпат го прогласија Давидовиот син Соломон за цар и го помазаа пред Господ за владетел, а Садок за свештеник.

  23. 23

    Така Соломон седна на Господовиот престол како цар наместо својот татко Давид. Имаше успех, и целиот Израел му се покори.

  24. 24

    Сите водачи, храбрите воини и сите синови на царот Давид му се потчинија на царот Соломон.

  25. 25

    Господ многу го возвеличи Соломон пред целиот Израел и му даде царско величие какво што немаше ниеден цар пред него во Израел.

  26. 26

    Така Давид, синот на Есеј, царуваше над целиот Израел.

  27. 27

    Над Израел царуваше четириесет години: седум години царуваше во Хеврон, а триесет и три години во Ерусалим.

  28. 28

    Умре во добра старост, наситен со денови, богатство и слава. По него се зацари неговиот син Соломон.

  29. 29

    Делата на царот Давид, првите и последните, се запишани во Книгата на пророкот-гледач Самоил, во Книгата на пророкот Натан и во Книгата на пророкот-гледач Гад,

  30. 30

    заедно со сето негово царување, неговата моќ и времињата низ кои поминаа тој, Израел и сите царства на околните земји.