2 Летописи
Глава 1
- 1
Соломон, Давидовиот син, се зацврсти во своето царство. Господ, неговиот Бог, беше со него и многу го возвиши.
- 2
Тогаш Соломон му се обрати на целиот Израел: на илјадниците, стотниците, судиите, сите водачи во целиот Израел и поглаварите на татковските домови.
- 3
Потоа Соломон и целото собрание со него отидоа на високото место во Гаваон, зашто таму беше Божјиот шатор за средба, кој Господовиот слуга Мојсеј го направи во пустината.
- 4
Но Божјиот ковчег Давид го беше донел од Киријат-Јарим на местото што му го подготви, зашто постави шатор за него во Ерусалим.
- 5
Бронзениот жртвеник, кој го направи Веселеил, синот на Уриј, Оровиот син, беше таму пред Господовото живеалиште. Соломон и собранието Го побараа Господ таму.
- 6
Соломон се искачи пред Господ до бронзениот жртвеник што беше кај шаторот за средба и на него принесе илјада жртви паленици.
- 7
Истата ноќ Бог му се јави на Соломон и му рече: „Побарај што сакаш да ти дадам.“
- 8
Соломон Му рече на Бог: „Ти му покажа голема милост на мојот татко Давид и ме постави за цар наместо него.
- 9
Сега, Господи Боже, нека се исполни ветувањето што му го даде на мојот татко Давид, зашто Ти ме постави за цар над народ многуброен како земниот прав.
- 10
Дај ми мудрост и знаење, за да можам правилно да го водам овој народ. Зашто кој може да му суди на овој Твој толку голем народ?“
- 11
Бог му рече на Соломон: „Бидејќи тоа беше во твоето срце и не побара богатство, имот и слава, ниту животот на оние што те мразат, ниту долг живот, туку побара мудрост и знаење за да му судиш на Мојот народ, над кој те поставив за цар,
- 12
ти се даваат мудрост и знаење. Ќе ти дадам и богатство, имот и слава, какви што немал ниеден цар пред тебе и какви што нема да има ниеден по тебе.“
- 13
Потоа Соломон се врати во Ерусалим од високото место во Гаваон, од пред шаторот за средба, и царуваше над Израел.
- 14
Соломон собра бојни коли и коњаници. Имаше илјада и четиристотини бојни коли и дванаесет илјади коњаници, кои ги размести во градовите за бојни коли и кај царот во Ерусалим.
- 15
Царот направи среброто и златото во Ерусалим да бидат многубројни како камењата, а кедрите многубројни како дивите смокви во низините.
- 16
Коњите за Соломон се увезуваа од Египет и од Куе. Царските трговци ги купуваа во Куе по определена цена.
- 17
Една бојна кола увезена од Египет чинеше шестотини сикли сребро, а еден коњ сто и педесет. Преку тие трговци ги извезуваа и за сите хетејски и сириски цареви.