Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 2

  1. 1

    Соломон реши да изгради дом за Господовото име и царски дворец за себе.

  2. 2

    Определи седумдесет илјади носачи на товар, осумдесет илјади каменоресци во планините и три илјади и шестотини надзорници над нив.

  3. 3

    Потоа Соломон испрати порака до Хирам, царот на Тир: „Како што постапи со мојот татко Давид и му испрати кедрово дрво за да си изгради дом во кој ќе живее, постапи така и со мене.

  4. 4

    Ете, јас градам дом за името на Господ, мојот Бог, за да Му го посветам, да кадиме пред Него миризлив темјан, постојано да ги поставуваме принесените лебови и да принесуваме жртви паленици наутро и навечер, во саботите, на младите месечини и на празниците на Господ, нашиот Бог. Тоа е трајна одредба за Израел.

  5. 5

    Домот што го градам ќе биде голем, зашто нашиот Бог е поголем од сите богови.

  6. 6

    Но кој може да Му изгради дом, кога не можат да Го соберат ни небото ни највисокото небо? А кој сум јас за да Му изградам дом, освен место каде што ќе кадиме пред Него?

  7. 7

    Затоа испрати ми човек вешт да работи во злато, сребро, бронза и железо, во пурпурна, темноцрвена и сина ткаенина, и кој знае да изработува резби. Нека работи со вештите луѓе што се кај мене во Јуда и Ерусалим, кои ги подготви мојот татко Давид.

  8. 8

    Испрати ми и кедрови, чемпресови и алмугови дрва од Ливан, зашто знам дека твоите слуги умеат да сечат дрва во Ливан. Моите слуги ќе бидат со твоите слуги,

  9. 9

    за да ми подготват големо количество дрва, зашто домот што го градам ќе биде голем и прекрасен.

  10. 10

    На твоите слуги, дрвосечачите, ќе им дадам дваесет илјади кори исчукано жито, дваесет илјади кори јачмен, дваесет илјади вати вино и дваесет илјади вати маслиново масло.“

  11. 11

    Тогаш Хирам, царот на Тир, му одговори со писмо што му го испрати на Соломон: „Бидејќи Господ го љуби Својот народ, те постави за цар над него.“

  12. 12

    Хирам уште рече: „Нека биде благословен Господ, Израелевиот Бог, Создателот на небото и земјата, Кој му даде на царот Давид мудар син, надарен со разум и проникливост, за да изгради дом за Господ и царски дворец за себе.

  13. 13

    Сега ти го испраќам Хирам-Ави, човек вешт и разумен,

  14. 14

    син на жена од Дановото племе, а неговиот татко е Тирец. Тој е вешт да работи во злато, сребро, бронза, железо, камен и дрво, во пурпурна, сина и темноцрвена ткаенина и во фин лен. Умее да изработува секакви резби и да оствари секоја замисла што ќе му биде доверена. Нека работи со твоите вешти луѓе и со вештите луѓе на мојот господар, твојот татко Давид.

  15. 15

    Затоа мојот господар нека им ги испрати на своите слуги житото, јачменот, маслото и виното што ги вети.

  16. 16

    Ние ќе насечеме дрва од Ливан колку што ти се потребни, ќе ти ги донесеме во сплавови по морето до Јопија, а ти ќе ги пренесеш во Ерусалим.“

  17. 17

    Соломон ги преброи сите странци во Израелевата земја, по пребројувањето што го изврши неговиот татко Давид. Се најдоа сто педесет и три илјади и шестотини луѓе.

  18. 18

    Од нив определи седумдесет илјади за носачи на товар, осумдесет илјади за каменоресци во планините и три илјади и шестотини надзорници што ќе го раководат народот во работата.