2 Летописи
Глава 3
- 1
Тогаш Соломон почна да го гради Господовиот дом во Ерусалим, на гората Морија, каде што Господ му се јави на неговиот татко Давид, на местото што Давид го подготви на гумното на Јевусеецот Орна.
- 2
Почна да гради на вториот ден од вториот месец, во четвртата година од своето царување.
- 3
Ова се димензиите на темелите што Соломон ги постави за изградбата на Божјиот дом: должината, според старата мерка, беше шеесет лакти, а ширината дваесет лакти.
- 4
Предворјето пред домот беше долго дваесет лакти, колку што беше широк домот, а високо сто и дваесет лакти. Однатре го обложи со чисто злато.
- 5
Главната просторија ја обложи со чемпресово дрво, потоа ја обложи со чисто злато и ја украси со палми и синџири.
- 6
Домот го украси со скапоцени камења за убавина, а златото беше од Парваим.
- 7
Со злато ги обложи домот, гредите, праговите, ѕидовите и вратите, а на ѕидовите изрезба херувими.
- 8
Го направи и Најсветото место. Неговата должина, според ширината на домот, беше дваесет лакти, а ширината дваесет лакти. Го обложи со шестотини таланти чисто злато.
- 9
Тежината на златото за клинците беше педесет сикли. Со злато ги обложи и горните простории.
- 10
Во Најсветото место направи два херувима, вајарска изработка, и ги обложи со злато.
- 11
Крилјата на херувимите, заедно, беа долги дваесет лакти. Едното крило на првиот херувим беше долго пет лакти и го допираше ѕидот на домот, а другото крило беше долго пет лакти и го допираше крилото на другиот херувим.
- 12
Едното крило на вториот херувим беше долго пет лакти и го допираше другиот ѕид на домот, а другото крило беше долго пет лакти и го допираше крилото на првиот херувим.
- 13
Така раширените крилја на овие херувими се протегаа дваесет лакти. Херувимите стоеја на нозе, а нивните лица беа свртени кон главната просторија.
- 14
Завесата ја направи од сина, пурпурна и темноцрвена ткаенина и од фин лен, а на неа изработи херувими.
- 15
Пред домот направи два столба високи триесет и пет лакти. Капителот на врвот на секој од нив беше висок пет лакти.
- 16
Направи синџири како оние во внатрешното светилиште и ги постави на врвовите на столбовите. Направи и сто калинки и ги прицврсти на синџирите.
- 17
Ги исправи столбовите пред храмот, едниот оддесно, а другиот одлево. Десниот го нарече Јахин, а левиот Вооз.