Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 4

  1. 1

    Направи и бронзен жртвеник, долг дваесет лакти, широк дваесет лакти и висок десет лакти.

  2. 2

    Направи леано море, тркалезно, широко десет лакти од едниот до другиот раб, високо пет лакти и со обем од триесет лакти.

  3. 3

    Под неговиот раб имаше излеани фигури на волови што го опкружуваа од сите страни, по десет на еден лакот. Воловите беа во два реда, излеани во едно парче со морето.

  4. 4

    Морето стоеше врз дванаесет волови: три беа свртени кон север, три кон запад, три кон југ и три кон исток. Морето стоеше врз нив, а задните делови на сите волови беа свртени навнатре.

  5. 5

    Дебелината на морето беше една дланка, а неговиот раб беше направен како раб на чаша, во облик на расцутен крин. Собираше три илјади вати вода.

  6. 6

    Направи и десет садови за миење и постави пет оддесно и пет одлево. Во нив го миеја она што се употребуваше за жртвите паленици, а морето беше за миење на свештениците.

  7. 7

    Направи десет златни светилници според пропишаниот облик и ги постави во храмот, пет оддесно и пет одлево.

  8. 8

    Направи десет трпези и ги постави во храмот, пет оддесно и пет одлево. Направи и сто златни садови.

  9. 9

    Го направи свештеничкиот двор, големиот двор и вратите на дворот, а вратите ги обложи со бронза.

  10. 10

    Морето го постави од десната страна на домот, кон југоисток.

  11. 11

    Хирам ги направи и котлите, лопатите и садовите. Така Хирам ја заврши работата што ја изврши за царот Соломон во Божјиот дом:

  12. 12

    двата столба, двете заоблени капи на врвовите на столбовите и двете мрежи што ги покриваа заоблените капи на столбовите;

  13. 13

    четиристотини калинки за двете мрежи, по два реда калинки за секоја мрежа, за да ги покриваат двете заоблени капи на столбовите;

  14. 14

    постољата и садовите за миење поставени врз нив;

  15. 15

    едното море и дванаесетте волови под него;

  16. 16

    котлите, лопатите, вилушките и сите други предмети. Сите овие предмети Хирам-Ави му ги направи на царот Соломон за Господовиот дом од полирана бронза.

  17. 17

    Царот ги излеа во Јорданската рамнина, во глинестата почва меѓу Сокот и Саредата.

  18. 18

    Соломон направи толку многу од сите овие предмети што тежината на бронзата не можеше да се утврди.

  19. 19

    Соломон ги направи и сите предмети за Божјиот дом: златниот жртвеник, трпезите на кои се поставуваа принесените лебови,

  20. 20

    светилниците со нивните светилки од чисто злато, кои требаше да горат пред внатрешното светилиште според прописот;

  21. 21

    цветовите, светилките и клештите, од најчисто злато;

  22. 22

    ножичките, садовите, лажиците и кадилниците, од чисто злато. И влезот на домот, неговите внатрешни врати кон Најсветото место и вратите на главната просторија на храмот беа од злато.