2 Летописи
Глава 5
- 1
Така беше завршена целата работа што Соломон ја изврши за Господовиот дом. Потоа Соломон ги внесе предметите што ги посвети неговиот татко Давид – среброто, златото и сите предмети – и ги стави во ризниците на Божјиот дом.
- 2
Тогаш Соломон ги собра во Ерусалим Израелевите старешини, сите племенски поглавари и водачите на татковските домови на Израелевите синови, за да го пренесат ковчегот на Господовиот завет од Давидовиот град, односно од Сион.
- 3
Сите Израелеви мажи се собраа кај царот за празникот во седмиот месец.
- 4
Кога дојдоа сите Израелеви старешини, левитите го кренаа ковчегот.
- 5
Го донесоа ковчегот, шаторот за средба и сите свети предмети што беа во шаторот. Ги носеа свештениците и левитите.
- 6
Царот Соломон и целото Израелево собрание, кое се собра кај него, беа пред ковчегот и принесуваа толку многу овци и говеда што не можеа ниту да се избројат ниту да се пресметаат.
- 7
Свештениците го внесоа ковчегот на Господовиот завет на неговото место, во внатрешното светилиште на домот, во Најсветото место, под крилјата на херувимите.
- 8
Херувимите ги ширеа своите крилја над местото на ковчегот и го покриваа ковчегот и неговите носилки одозгора.
- 9
Носилките беа толку долги што нивните краеви се гледаа од светилиштето пред внатрешното светилиште, но не се гледаа однадвор. Тие останаа таму до денес.
- 10
Во ковчегот немаше ништо освен двете камени плочи што Мојсеј ги стави во него кај Хорив, каде што Господ склучи завет со Израелевите синови откако излегоа од Египет.
- 11
Кога свештениците излегоа од светилиштето – зашто сите присутни свештеници се беа осветиле без оглед на своите редови –
- 12
сите левитски пејачи, Асаф, Еман и Једутун, нивните синови и браќа, облечени во фин лен и со кимвали, лири и харфи, стоеја источно од жртвеникот, а со нив имаше сто и дваесет свештеници што свиреа со труби.
- 13
Кога трубачите и пејачите како еден човек, со еден глас, почнаа да Го слават и да Му благодарат на Господ, и кога го подигнаа гласот со труби, кимвали и музички инструменти, славејќи Го Господ: „Зашто Тој е добар и Неговата милост трае засекогаш“, тогаш домот, Господовиот дом, се исполни со облак.
- 14
Свештениците не можеа да останат и да служат поради облакот, зашто Господовата слава го исполни Божјиот дом.