Прескокни кон главната содржина

2 Летописи

Глава 6

  1. 1

    Тогаш Соломон рече: „Господ рече дека ќе престојува во густа темнина.

  2. 2

    Јас навистина Ти изградив величествен дом, место во кое ќе престојуваш засекогаш.“

  3. 3

    Потоа царот се сврте и го благослови целото Израелево собрание, додека целиот народ стоеше.

  4. 4

    Тој рече: „Нека биде благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој со Својата уста му зборуваше на мојот татко Давид и со Своите раце го исполни тоа, кога рече:

  5. 5

    ‚Од денот кога го изведов Мојот народ од Египетската земја, не избрав град од ниедно Израелево племе во кој ќе се изгради дом за Моето име, ниту избрав човек да биде водач над Мојот народ Израел.

  6. 6

    Но го избрав Ерусалим, за таму да престојува Моето име, и го избрав Давид, за да биде над Мојот народ Израел.‘

  7. 7

    Мојот татко Давид имаше желба во своето срце да изгради дом за името на Господ, Израелевиот Бог.

  8. 8

    Но Господ му рече на мојот татко Давид: ‚Добро е што во своето срце имаш желба да изградиш дом за Моето име.

  9. 9

    Сепак, ти нема да го изградиш домот, туку твојот син, кој ќе произлезе од тебе, тој ќе го изгради домот за Моето име.‘

  10. 10

    Господ го исполни зборот што го изговори. Јас станав наместо мојот татко Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, и го изградив овој дом за името на Господ, Израелевиот Бог.

  11. 11

    Тука го поставив ковчегот во кој е заветот што Господ го склучи со Израелевите синови.“

  12. 12

    Потоа Соломон застана пред Господовиот жртвеник, пред целото Израелево собрание, и ги рашири своите раце.

  13. 13

    Соломон беше направил бронзена платформа, долга пет лакти, широка пет лакти и висока три лакти, и ја беше поставил среде дворот. Застана на неа, клекна пред целото Израелево собрание, ги рашири своите раце кон небото

  14. 14

    и рече: „Господи, Боже Израелев, нема Бог како Тебе ниту на небото ниту на земјата. Ти го пазиш заветот и милоста кон Своите слуги што одат пред Тебе со целото свое срце.

  15. 15

    Ти му го исполни на Својот слуга, мојот татко Давид, она што му го вети. Го изговори со Својата уста и го исполни со Својата рака, како што се гледа денес.

  16. 16

    И сега, Господи, Боже Израелев, исполни му го на Својот слуга, мојот татко Давид, она што му го вети кога рече: ‚Нема да ти недостига потомок што ќе седи пред Мене на Израелевиот престол, само ако твоите синови внимаваат на својот пат и одат според Мојот Закон како што одеше ти пред Мене.‘

  17. 17

    Затоа сега, Господи, Боже Израелев, нека се потврди зборот што му го даде на Својот слуга Давид.

  18. 18

    Но зар Бог навистина ќе живее со човекот на земјата? Ете, не можат да Те соберат ни небото ни највисокото небо, а колку помалку овој дом што го изградив!

  19. 19

    Сепак, сврти се кон молитвата и молбата на Својот слуга, Господи, Боже мој. Слушни го повикот и молитвата што Твојот слуга ја упатува пред Тебе.

  20. 20

    Нека бидат Твоите очи отворени дење и ноќе кон овој дом, кон местото за кое рече дека таму ќе го поставиш Своето име, за да ја слушаш молитвата што Твојот слуга ќе ја упатува свртен кон ова место.

  21. 21

    Слушни ги молбите на Својот слуга и на Својот народ Израел, кога ќе се молат свртени кон ова место. Слушни од небото, од Своето живеалиште; слушни и прости.

  22. 22

    Кога некој ќе згреши против својот ближен и ќе биде повикан да се заколне, па дојде и ја изговори заклетвата пред Твојот жртвеник во овој дом,

  23. 23

    Ти слушни од небото и постапи. Пресуди им на Своите слуги: осуди го виновниот и врати му го неговото дело врз неговата глава, а оправдај го праведниот и постапи со него според неговата праведност.

  24. 24

    Кога Твојот народ Израел ќе биде поразен пред непријателот затоа што Ти згрешил, но потоа ќе се врати кон Тебе, ќе го признае Твоето име и ќе Ти се моли и ќе Те моли во овој дом,

  25. 25

    Ти слушни од небото, прости му го гревот на Својот народ Израел и врати го во земјата што им ја даде на нив и на нивните татковци.

  26. 26

    Кога небото ќе се затвори и нема да има дожд затоа што Ти згрешиле, но тие ќе се помолат свртени кон ова место, ќе го признаат Твоето име и ќе се одвратат од својот грев, кога Ти ќе ги понизиш,

  27. 27

    Ти слушни од небото и прости им го гревот на Своите слуги и на Својот народ Израел. Научи ги по кој добар пат треба да одат и испрати дожд врз Својата земја, која му ја даде како наследство на Својот народ.

  28. 28

    Кога во земјата ќе има глад, чума, суша, мувла, скакулци или гасеници; кога непријателот ќе ги опколи во некој од нивните градови; кога ќе ги снајде каква било неволја или болест;

  29. 29

    тогаш секоја молитва и секоја молба што ќе ја упати кој било човек или целиот Твој народ Израел, кога секој ќе ја познае својата неволја и болка и ќе ги рашири своите раце кон овој дом,

  30. 30

    Ти слушни од небото, од Своето живеалиште. Прости и дај му на секого според сите негови патишта, зашто Ти го познаваш неговото срце. Само Ти ги познаваш срцата на човечките синови.

  31. 31

    Така ќе се плашат од Тебе и ќе одат по Твоите патишта во сите денови додека живеат во земјата што им ја даде на нашите татковци.

  32. 32

    И странецот, кој не е од Твојот народ Израел, но ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, Твојата силна рака и Твојата испружена мишка, кога ќе дојде и ќе се помоли свртен кон овој дом,

  33. 33

    Ти слушни од небото, од Своето живеалиште, и направи сѐ за што ќе Те повика странецот. Така сите народи на земјата ќе го познаат Твоето име, ќе се плашат од Тебе како Твојот народ Израел и ќе знаат дека Твоето име е повикано над овој дом што го изградив.

  34. 34

    Кога Твојот народ ќе излезе во битка против своите непријатели по патот по кој ќе го испратиш, и ќе Ти се помоли свртен кон градот што го избра и кон домот што го изградив за Твоето име,

  35. 35

    Ти слушни ја од небото неговата молитва и молба и одбрани го неговото право.

  36. 36

    Кога ќе Ти згрешат – зашто нема човек што не греши – и Ти ќе се разгневиш на нив и ќе ги предадеш на непријателот, па нивните победници ќе ги одведат како заробеници во далечна или блиска земја;

  37. 37

    но ако во земјата каде што се одведени како заробеници се освестат, се покаат и Ти се помолат, велејќи: ‚Згрешивме, постапувавме неправедно и направивме зло‘;

  38. 38

    ако се вратат кон Тебе со целото свое срце и со целата своја душа во земјата на своето заробеништво и Ти се помолат свртени кон својата земја, која им ја даде на нивните татковци, кон градот што го избра и кон домот што го изградив за Твоето име,

  39. 39

    Ти слушни ја нивната молитва и молба од небото, од Своето живеалиште, одбрани го нивното право и прости му на Својот народ што Ти згрешил.

  40. 40

    Сега, Боже мој, нека бидат Твоите очи отворени и Твоите уши внимателни кон молитвата што се упатува на ова место.

  41. 41

    А сега, Господи Боже, стани и влези во Своето почивалиште, Ти и ковчегот на Твојата сила. Твоите свештеници, Господи Боже, нека бидат облечени во спасение, а Твоите свети нека се радуваат на добрината.

  42. 42

    Господи Боже, не отфрлај го лицето на Својот помазаник; сети се на милоста што му ја покажа на Својот слуга Давид.“