Прескокни кон главната содржина

1 Коринтјаните

Глава 6

  1. 1

    Кога некој од вас има спор со друг, како се осмелува да се суди пред неправедните, а не пред светите?

  2. 2

    Не знаете ли дека светите ќе му судат на светот? А ако светот ќе биде суден од вас, зар не сте способни да пресудувате во најмалите спорови?

  3. 3

    Не знаете ли дека ангели ќе судиме? Колку повеќе тогаш можеме да судиме за работите од овој свет?

  4. 4

    Кога имате судски спорови за работи од овој живот, зар ги поставувате за судии оние што немаат углед во црквата?

  5. 5

    За ваш срам велам: зарем меѓу вас нема ниеден мудар кој може да пресуди меѓу своите браќа?

  6. 6

    Туку брат со брат се суди, и тоа пред неверници!

  7. 7

    Веќе е целосен пораз за вас тоа што имате судски спорови меѓу себе. Зошто попрво не претрпите неправда? Зошто попрво не ја поднесете штетата?

  8. 8

    Но вие самите правите неправда и нанесувате штета, и тоа на своите браќа.

  9. 9

    Или не знаете дека неправедните нема да го наследат Божјото царство? Не залажувајте се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубниците, ни мекушците, ни мажите што легнуваат со мажи,

  10. 10

    ниту крадците, ниту користољупците, ниту пијаниците, ниту навредувачите, ниту грабачите нема да го наследат Божјото царство.

  11. 11

    Такви беа некои од вас; но се измивте, се осветивте и се оправдавте во името на Господ Исус Христос и во Духот на нашиот Бог.

  12. 12

    „Сѐ ми е дозволено“, но не е сѐ корисно. „Сѐ ми е дозволено“, но нема да дозволам ништо да завладее со мене.

  13. 13

    „Храната е за стомакот, а стомакот за храната“, но Бог ќе ги уништи и едното и другото. Телото не е за блудство, туку за Господ, а Господ за телото.

  14. 14

    А Бог Го воскресна Господ и нас ќе нѐ воскресне со Својата сила.

  15. 15

    Не знаете ли дека вашите тела се Христови членови? Зар да ги земам Христовите членови и да ги направам членови на блудница? Никако!

  16. 16

    Или не знаете дека оној што се соединува со блудница станува едно тело со неа? Зашто е речено: „Двајцата ќе бидат едно тело.“

  17. 17

    А оној што се соединува со Господ е еден дух со Него.

  18. 18

    Бегајте од блудството! Секој друг грев што го прави човекот е надвор од телото, а блудникот греши против сопственото тело.

  19. 19

    Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас и Кого Го имате од Бог, и дека не си припаѓате на самите себе?

  20. 20

    Зашто скапо сте купени. Затоа прославете Го Бог во своето тело.