Прескокни кон главната содржина

1 Коринтјаните

Глава 5

  1. 1

    Насекаде се слуша дека меѓу вас има блудство, и тоа такво какво што нема ни меѓу незнабожците: некој да ја има жената на својот татко.

  2. 2

    А вие се гордеете! Наместо тоа, требаше да тагувате, за оној што го направил тоа да биде отстранет од вашата средина.

  3. 3

    Јас, иако телесно сум отсутен, духовно сум присутен и веќе го осудив оној што го направил тоа, како да сум меѓу вас.

  4. 4

    Кога ќе се соберете во името на нашиот Господ Исус Христос, а јас духовно ќе бидам со вас, тогаш со силата на нашиот Господ Исус Христос,

  5. 5

    предајте го таквиот на сатаната за уништување на телото, за неговиот дух да биде спасен во денот на Господ.

  6. 6

    Вашето фалење не е добро. Не знаете ли дека малку квас го потквасува целото тесто?

  7. 7

    Исчистете го стариот квас, за да бидете ново тесто, како што сте бесквасни. Зашто Христос, нашето пасхално Јагне, беше жртвуван.

  8. 8

    Затоа да празнуваме не со стариот квас, ниту со квасот на злобата и лукавството, туку со бесквасниот леб на искреноста и вистината.

  9. 9

    Ви напишав во писмото да не се дружите со блудници.

  10. 10

    Не мислев воопшто на блудниците од овој свет, ниту на користољупците, грабачите или идолопоклониците, зашто, инаку, би требало да излезете од овој свет.

  11. 11

    Но сега ви пишувам да не се дружите со оној што се нарекува брат, а е блудник, користољубец, идолопоклоник, навредувач, пијаница или грабач; со таков дури ни да не јадете.

  12. 12

    Зашто што имам јас да им судам на оние што се надвор? Не им ли судите вие на оние што се внатре?

  13. 13

    А оние што се надвор ќе ги суди Бог. „Отстранете го злиот од својата средина.“