Прескокни кон главната содржина

1 Коринтјаните

Глава 4

  1. 1

    Така секој нека нѐ смета за Христови слуги и управители на Божјите тајни.

  2. 2

    А од управителите се бара секој да се покаже верен.

  3. 3

    А мене многу малку ми значи дали вие или некој човечки суд ќе ме проценува; јас дури ни самиот себеси не се проценувам.

  4. 4

    Зашто совеста не ме обвинува за ништо, но со тоа не сум оправдан; Господ е Оној Кој ме суди.

  5. 5

    Затоа не судете ништо предвреме, додека не дојде Господ. Тој ќе го изнесе на светлина скриеното во темнината и ќе ги открие намерите на срцата; тогаш секој ќе ја прими својата пофалба од Бог.

  6. 6

    Браќа, ова го применив на себе и на Аполос заради вас, за од нашиот пример да научите да не одите подалеку од она што е напишано и никој од вас да не се возгордува, застанувајќи на страната на едниот против другиот.

  7. 7

    Зашто, кој те прави поинаков од другите? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?

  8. 8

    Веќе сте наситени, веќе сте се збогатиле, без нас сте станале цареви! И навистина би сакал да сте станале цареви, за и ние да царуваме со вас.

  9. 9

    Зашто мислам дека Бог нѐ постави нас, апостолите, последни, како луѓе осудени на смрт; станавме глетка за светот, за ангелите и за луѓето.

  10. 10

    Ние сме безумни заради Христос, а вие сте мудри во Христос; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние обесчестени.

  11. 11

    До овој час гладуваме и жедуваме, лошо сме облечени, нѐ удираат и скитаме без дом.

  12. 12

    Се трудиме, работејќи со своите раце. Кога нѐ навредуваат, благословуваме; кога нѐ гонат, трпиме;

  13. 13

    кога нѐ клеветат, одговараме благо. До денес станавме како сметот на светот и отпадок на сите.

  14. 14

    Ова не ви го пишувам за да ве посрамам, туку ве предупредувам како свои сакани деца.

  15. 15

    Зашто, и да имате десет илјади воспитувачи во Христос, немате многу татковци; јас ве родив во Исус Христос преку Евангелието.

  16. 16

    Затоа ве молам: угледајте се на мене.

  17. 17

    Затоа ви го испратив Тимотеј, моето сакано и верно дете во Господ. Тој ќе ве потсети на мојот начин на живеење во Христос, како што поучувам насекаде во секоја црква.

  18. 18

    Некои се возгордеа, мислејќи дека нема да дојдам кај вас.

  19. 19

    Но наскоро ќе дојдам кај вас, ако сака Господ, и тогаш ќе видам не само што зборуваат оние што се возгордеале, туку и каква сила имаат.

  20. 20

    Зашто Божјото царство не се состои во зборови, туку во сила.

  21. 21

    Што сакате? Со стап ли да дојдам кај вас, или со љубов и кроток дух?