1 Коринтјаните
Глава 3
- 1
А јас, браќа, не можев да ви зборувам како на духовни, туку како на телесни, како на мали деца во Христос.
- 2
Со млеко ве хранев, а не со цврста храна, зашто уште не можевте да ја примите. Но ни сега не можете,
- 3
бидејќи уште сте телесни. И навистина, бидејќи меѓу вас има завист и кавга, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе?
- 4
Зашто, кога еден зборува: „Јас сум Павлов“, а друг: „Јас сум Аполосов“, не сте ли само луѓе?
- 5
Кој е Аполос, а кој е Павле? Само слуги преку кои поверувавте, секој според она што му го дал Господ.
- 6
Јас посадив, Аполос полеваше, но Бог даде да расте.
- 7
Така, ниту оној што сади е нешто, ниту оној што полева, туку Бог, Кој дава да расте.
- 8
Оној што сади и оној што полева се едно, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд.
- 9
Зашто ние сме Божји соработници, а вие сте Божја нива и Божја градба.
- 10
Според Божјата благодат што ми е дадена, како мудар главен градител поставив темел, а друг гради врз него. Но секој нека внимава како гради.
- 11
Зашто никој не може да постави друг темел освен веќе поставениот, а тоа е Исус Христос.
- 12
Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрво, сено или слама,
- 13
делото на секого ќе стане јавно, зашто Денот ќе го покаже. Тој Ден ќе се открие во оган, а огнот ќе испита какво е делото на секого.
- 14
Ако остане делото што некој го изградил врз темелот, тој ќе прими награда.
- 15
Ако нечие дело изгори, тој ќе претрпи загуба; самиот, пак, ќе се спаси, но како низ оган.
- 16
Не знаете ли дека вие сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас?
- 17
Ако некој го уништи Божјиот храм, него Бог ќе го уништи; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие.
- 18
Никој да не се мами. Ако некој меѓу вас мисли дека е мудар според овој свет, нека стане безумен за да биде вистински мудар.
- 19
Зашто мудроста на овој свет е безумство пред Бог, како што е напишано: „Тој ги фаќа мудрите во нивното лукавство.“
- 20
И пак: „Господ знае дека мислите на мудрите се суетни.“
- 21
Затоа никој да не се фали со луѓе, зашто сѐ е ваше:
- 22
било Павле, Аполос или Кифа; било светот, животот или смртта; било сегашноста или иднината – сѐ е ваше,
- 23
а вие сте Христови, а Христос е Божји.